Актерката Стојановска се изјасни за невина за случајот со 700 кила кокаин

Силвија Стојановска пред суд

Актерката Силвија Стојановска која е второбвинета во случајот „Колибри“ и првообвинетиот, нејзиниот партнер, Воислав Будисављевиќ, денеска на првото рочиште, се изјаснија дека не се виновни по обвинението за „помагање и учество во шверц на околу 700 килограми кокаин од Јужна Америка во Шпанија“.

„Владимир Будисављевиќ и двајца шпански државјани се обвинети за шверцот во Шпанија каде се упасени со пратката во близина на Мадрид. Браќата Будисављевиќ контактирале преку Енкрочат апликации на посебни телефонски уреди со кои се шифрирале и криеле пораките, а имале можност и за откривање на полициско следење на комуникациите на тие телефони“, тврди Обвинителството.

За актерката Стојановска, Обвинителството тврди дека уплаќала пари и купувала авионски карти, како и изнајмувала апартман во Мадрид. Обвинителката Маја Конеска во воведниот збор наведе дека: „Стојановска била во Мадрид каде од за неа непознато лице зела 10 илјади евра“.

Случајот беше реализиран со соработка на македонската и шпанската полиција лани во декември, кога кокаинот беше откриен во Шпанија каде беа уапсени Владимир Будисављевиќ и двајца шпански државјани. Потоа, на Стојановска ѝ беше одреден домашен притвор, а на Будисављевиќ притвор во Шутка.

Одбраната на Стојановска обвинението го нарече „прикаска без никакви докази со време, место и начин за потврда дека обвинетите учествувале во шверц на дрога“. Одбраната на Будисављевиќ изјави дека случајот е „ теорија на лавиринт во која дејствија се претставуваат како факти“.