Со декрет на Ердоган уште една поранешна црква, сега музеј, станува џамија

Архивска фотографија - Ердоган на молитва во Аја Софија по нејзината пренамена од музеј во џамија

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска издаде декрет, со кој историскиот музеј Карије во Истанбул, кој е поранешна православна црква, се пренаменува во џамија, јави германската новинска агенција ДПА.

Овој потег следува по минатомесечната одлука, со која музејот Света Софија стана џамија и што наиде на критики од меѓународната јавност.

Промената на статусот на Карије беше донесена во декември 2019 година, но одлуката на Државниот совет на Турција не беше спроведена досега. Музејот Карије, поранешна православна црква која во текот на својата историја била претворена во џамија, па музеј, се смета за едно од највосхитувачките примери на византиската уметност и архитектура, со сочувани мозаици и фрески. Христијанскиот храм бил изграден во текот на петиот век, бил претворен во џамија во 1453 година, а од 1948 година е претворена во музеј, објави ДПА.