Трамп најави повторно отворање на прашањето за санкциите за Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп на прес конференција најави повторна акција на САД во Советот за безбедност на ОН за санкциите кон Иран

Претседателот Доналд Трамп рече дека Соединетите американски држави идната недела ќе се обидат повторно да го постават прашањето за санкциите кон Иран во Обединетите нации. Тој ова го кажа вчера, ден откако во Советот за безбедност на Обединетите нации не помина американската резолуција за продолжување на ембаргото за вооружување на Иран.

„Ќе видите следната недела“, рече Трамп, а на прашањето дали ќе учествуваат на самитот предложен од Русија за намалување на тензиите со Иран, тој одговори „веројатно не“.

Вашингтон се закани дека ќе покрене враќање на сите санкции на ОН кон Иран во Советот за безбедност под одредбата од резолуцијата 2231 која,пак, произлегува од нуклеарниот договор меѓу Техеран и светските сили постигнат во 2015 година.

Русија и Кина, како и европските земји кои се потписнички на нуклеарниот договор го доведуваат во прашање правото на САД да се повика на тој дел од резолуцијата, бидејќи Трамп одлучи земјата да излезе од договорот со Иран во 2018 година. САД, пак, тврдат дека остануваат учесници во договорот од 2015 година бидејќи се наведени како такви во резолуцијата од истата година и затоа може да побараат санкции. Соединетите држави го изгубија гласањето во Советот за безбедност на 14 август со кое бараа да се воспостави меѓународно ембарго врз вооружувањето на Иран.