Достапни линкови

Советот за безбедност на ОН ја отфрли резолуцијата за ембарго на иранското вооружување


САД не добија поддршка во Советот за безбедност на ОН за резолуцијата за ембарго на вооружувањето на Иран

Советот за безбедност на Обединетите нации ја отфрли американската резолуција за продолжување на ембаргото за вооружување на Иран. Досегашната резолуција истекува во октомври.

Вчерашното гласање беше очекувано да помине неуспешно во 15 члениот Совет за безбедност поради силното противење на двете членки кои имаат право на вето- Кина и Русија.

„Советот за безбедност на ОН денеска не успеа да го задржи Иран одговорен. Овозможи на државата која е главен светски спонзор на тероризмот да купува и продава смртоносно оружје и ги игнорираше барањата на државите од Блискиот исток. Америка ќе продолжи да работи за да ја поправи оваа грешка“, рече по гласањето американскиот државен секретар Мајк Помпео.

За резолуцијата имаше два гласа „за“ и два „против“, а 11 држави се воздржаа од гласање што се толкува како дипломатскиот удар со кој се откри изолацијата на Вашингтон во Обединетите нации за ова прашање. Вашингтон не ги доби дури ни потребните девет гласа за Русија и Кина воопшто да имаат потреба да го употребат своето право на вето.

Техеран го исмеа Вашингтон за едниствениот глас што го доби од Доминиканската република, а мисијата на Кина во Обединетите нации на својот профил на социјалната мрежа Твитер напиша „резултатите повторно покажуваат дека унилатерализмот нема поддршка, а малтретирањето нема да успее“.

XS
SM
MD
LG