Независниот синдикат на градежници и инжинери против уривање на Универзална

Независниот синдикат на градежни работници и инжинери и трговци во градежништвото (НСГРИТГ) смета дека скопската Универзална сала може многу лесно и со мала инвестиција да се санира и да продолжи да работи. На денешната прес-конференција, претставникот на Синдикатот, Атанас Трајковски, ги повика граѓаните да застанат во одбрана на Универзална сала, која, како што рече, е светски објект на солидарноста и подарок од 35 земји од светот.

„Градот се ширеше со континуиран развој цели 55 години. Од тогаш на никој не му дојде на памет да го доведе во прашање опстанокот на овој светски симбол на солидарноста. Сега му текнало на некој паметен да ја руши. Изгледа им недостасуваат пари во градската каса. Урбаната мафија продолжи да работи за да ги задоволи потребите на своите вработени по општините и во градот Скопје. Според ДУП и ГУП кој не е донесен вчера, овде треба да никне објект со приземје, шест ката и поткровје. Вчера почнато е да се сечат елките што се стари повеќе од 50 години. Јас како градежен инжинер претпоставувам дека градежната оператива ќе почне да работи. Овој објект може многу лесно и со многу мали пари да се санира и да продолжи да ни носи разни активности, манифестации кои 55 години ги проследувавме во оваа сала“, рече Трајковски.

За идеите за уривање или санирање на Универзаланата сала последниве 30-ина дена стасуваат голем број реакции. Пред десетина дена, скопскиот градоначалник Петре Шилегов, изјави дека за Универзална сала треба да се изјаснат граѓаните преку референдум.