Трамп ги потпиша уредбите за помош на Американците

Доналд Трамп

Претседателот на Соединетите Држави, Доналд Трамп, потпиша четири извршни уредби кои обезбедуваат економска помош на милиони Американци кои ги загубија своите работни места по избувнувањето на пандемијата со Ковид 19.

На прес-конференцијата во неговото одморалиште во Бедминстер, во Њу Џерси, Трамп објави дека, благодарение на уредбите, ќе продолжат исплатите на федерална помош за невработените, пренесува „Гласот на Америка“.

„Државите ќе покриваат 25 проценти од трошоците, а федералната влада преостанатите 75 проценти“, рече Трамп.

Прописите исто така овозможуваат прекин на плаќањата за данок на доход за Американците кои заработуваат помалку од 100.000 американски долари годишно. Продолжено е одложувањето на наплатата на студентските кредити, како и мораториумот за иселување на станарите кои не можат да плаќаат кирија.

Претседателот ги обвини демократите во Конгресот дека во предлог законот за економска помош вклучиле елементи кои не се поврзани со пандемијата.

Она што не го вклучуваат уредбите на Трамп, а законот ги содржи се : повеќе од 100 милијарди американски долари помош за училиштата што повторно ќе се отворат оваа есен, дополнително финансирање за тестирање за корона вирус, помош на Поштенската служба на САД која има доста проблеми и уште еден чек за погодените Американци во износ од 1.200 долари.