СЗО: Пандемијата се забрзува

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом Гербејсус

Пандемијата предизвикана од коронавирусот се интензивира во светот, бидејќи во последните шест недели бројот на заболени е речиси двојно зголемен, достигнувајќи 16 милиони, а бројот на починати надмина 640 илјади, соопшти денеска на брифинг во Женева генералниот директор на СЗО, Тедрос Адханом Гербејсус.

„СЗО има информации за речиси 16 милиони случаи на заразени лица и повеќе од 640 000 смртни случаи. Пандемијата продолжува да се забрзува“, рече тој, истакнувајќи дека „бројот на случаи е речиси двојно зголемен во последните шест недели”.

Тедрос најави дека Светската здравствена организација неделава ќе ја свика Комисијата за итни случаи за да ја процени состојбата околу пандемијата. Тој потсети дека на 30 јануари СЗО прогласи вонредна ситуација со коронавирусот со меѓународно значење.