Албанскиот претседател Мета нема да биде разрешен

Албанскиот претседател Илир Мета

Со мнозинство гласови, албанскиот Парламент на денешната пленарна седница ја усвои препораката на парламентарната Анкетна комисија во врска со прашањето околу разрешувањето на претседателот Илир Мета, јави МИА од Тирана. Со 78 гласови „за“, беше одлучено претседателот Мета да не биде разрешен поаѓајќи од наодите во извештајот на комисијата, што го презентираше претседателот Улси Мања, а во кој стои дека прекршувањата на уставните надлежности од страна на претседателот Мета не се сериозни. Против гласаа 17 додека воздржани беа осум пратеници.

На седница премиерот Еди Рама рече дека Мета заслужува да биде разрешен, но оти „се повикуваат на мислењето на Венецијанската комисија“.

„Илир Мета според нашата процена, заслужува да биде разрешен, но ние се повикуваме на мислењето на Венецијанската комисија. Затворајќи го ова прашање, најпрво, им кажувам на оние кои ја коментираат оваа одлука како промена на курсот во однос на Илир Мета, дека тоа не е така. Сметаме дека Илир Мета треба да биде разрешен, но ние сме различни од старата и новата партија“, рече Рама.

Парламентарното мнозинство, во што беше поддржано и од дел на опозициските пратеници, пред една година формира Анкетна комисија за разрешување на Мета, откако тој ја поништи уредбата со која најпрво локалните избори ги закажа за 30 јуни, па ги презакажа за 13 октомври.