Спасовски: Покажавме вредности на европска држава

Техничкиот премиер Оливер Спасовски

Република Северна Македонија продолжува по правиот пат кон европска држава. Упатувам честитки до сите кои излегоа и го остварија своето демократско право и благодарност до сите кои го организираа овој процес, а посебна благодарност до Комисијата за заразни болести, изјави на денешната прес-конференција техничкиот премир, Оливер Спасовски.

Тој рече дека периодот што претстои е период на создавање функционални институции, пред се функционални Собрание и Влада.

„Уште еднаш покажавме европски вредности на дело. Организиравме мирни, фер, демократски и европски избори. Ќе влезат во историјата предвремените парламентарни избори 2020 година како се организираат со добра здравствена заштита. Пред нас е период на создавање функционални институции, пред се функционално Собрание и Влада. На вчерашниот демократски ден победи вољата на народот“, изјави Спасовски.

Тој нагласи дека очекува ДИК да даде придонес во процесот на формирање на функционално Собрание и дека „ДИК е должна да излезе на прес и да ги соопшти конечните резултати.

На прашањето за коалицирање на СДСМ и ДУИ за формирање нова влада, Спасовски рече дека е тоа прашање на политичка проценка и дека актуелниот владин состав ќе функционира до формирањето на новата Влада.

Според последните податоци на ДИК од обработени скоро 94 отсто од гласовите, пресметано во пратенички места, СДСМ добива 46 пратеници, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, АА-А 12, Левица два, и ДПА еден пратеник во новиот парламентарен состав.