Вчерашниот протест во Белград без инциденти и со помалку луѓе

Протест во Белград, 12.07.2020.

Протестот во Белград, кој започна во вторникот заради најавување нови рестриктивни мерки во борбата против коронавирусот, синоќа помина без инциденти и со учество на значително помалку граѓани отколку во претходните денови. На митингот немаше говорници, а собраните граѓани стоеја во групи, носеа транспаренти и повремено викаа пароли против властите. Пред зградата на Собранието на Србија немаше многу полицајци, но помали полициски сили беа присутни зад зградата и во околината.

Од каде толку гнев во Србија против мерките за КОВИД-19?

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека „насилниците“ кои предизвикале инциденти пред зградата на парламентот во претходните денови ќе одговараат за тоа. „Сторителите ќе бидат поразени, поголемиот дел од нив ќе бидат приведени и ќе треба да одговараат за сите злосторства што ги извршиле, “ изјавил Вучиќ синоќа на телевизиско интервју за телевизија Пинк.