Петровска го негира Чулев за истрагата за изборен поткуп

Заменик-дополнителната министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска

Заменик дополнителната министерката за внатрешни работи Славјанка Петровска денеска реагираше на објавата на техничкиот министер Наќе Чулев во врска со извршениот претрес во објекти во Штип за наводен поткуп на гласачи. Според неа, Чулев намерно не споделува клучни информации од спроведената истрага, а тоа е дека сите од досега сослушаните граѓани чии лични документи се најдени изјавиле дека личните документи не им се земени заради поткуп туку заради долг.

„Ова не е кривично дело поврзано со изборите туку кривично дело од областа на економскиот криминал кое допрва треба да се докаже. Срамно е да се злоупотребува позицијата министер за внатрешни работи и да се соопштуваат невистини, особено кога истрагата е во тек, што впрочем е напишано и во известувањето до ОЈО. Известувањето во кое е наведено дека не се спомнува ниту една политичка партија , а е доставено до ОЈО е потпишано и од началникот и од дополнителниот начлник на СВР Штип. Со ова очигледна е намерата на Чулев да влијае на истрагата и да ја злоупотреби за партиски цели“, пишува таа на Фејсбук.

Чулев: Се расчистува штипскиот случај за „Поткуп при избори“

Чулев претходно информираше дека при извршен претрес биле пронајдени тетратки во кои имало список со имиња, биометриски лични карти и патни исправи за кои постои основано сомневање дека се предмет на Кривично дело „Поткуп при избори и гласање“.