Нацрт буџет на ЕУ: 12,6 милијарди евра за проширувањето

Илустрација

Шарл Мишел, претседателот на Европскиот Совет, ја презентираше последната верзија на неговиот предлог буџет за периодот 2021-2027, повеќето ставки се намалени, но за претпристапниот инструмент сликата е малку покомплексна, јави МИА од Брисел.

Во пресрет на самитот на ЕУ идната недела на кој лидерите треба да постигнат значаен напредок во преговорите за седумгодишниот буџет на Унијата, Шарл Мишел, чија улога е да го изгради крајниот компромис, денеска предложи буџет за 20 милијарди евра помал од тоа што беше понудено во февруари – од 1094 милијарди на 1074 милијарди евра.

Во однос на земјите од проширувањето пак, за претпристапниот инструмент Мишел предлага 12,565 милијарди евра. Претпистапниот инструмент, или ИПА 3 за периодот 2021-2027, се фондовите на ЕУ посветени на земјите од западниот Балкан и Турција за нивниот пат кон полноправно членство.

Оваа сума што ја предлага Европскиот Совет во пресрет на самитот претставува зголемување во споредба со тоа што Мишел го понуди во февруари, на почетокот на преговорите. Тогаш, предлогот изнесуваше 11,4 милијарди евра, значително намалување и во однос на предлогот на Европската Комисија од 2018, но и значително намалување во однос на претходниот седумгодишен буџет на Унијата, која ИПА фондовите изнесуваа 13,2 милијарди евра, јави МИА од Брисел.

Во меѓувреме, во текот на мај, Европската комисија излезе со ревидиран предлог во однос на оној од 2018, и оцени дека ИПА фондовите треба да достигнат 12,9 милијарди евра.