СЗО: коронавирусот се шири преку воздух

илустрација

Светската здравствена организација објави дека има докази за ширење на коронавирусот преку воздух. Претходно, во понеделникот група светски научници предупредија на таа можност. "Не треба да ја исклучуваме можноста за пренесување на вирусот преку воздух на јавни места, особено каде што има многу луѓе. Ние сè уште треба да ги собереме и да ги разгледаме доказите", рече претставничката на СЗО Бенедета Алегранци, препорачувајќи проветрување на затворените места и одржување физичко растојание. „Кога тоа не е можно, тогаш препорачуваме да носите заштитна маска“, додаде таа.

СЗО го разгледува извештајот за нови препораки за Ковид-19

Меѓународна група од 239 научници во понеделникот ги повика СЗО и другите официјални претставници да потврдат дека вирусот корона може да се шири во воздухот и над два метра и соодветно да ги променат упатствата за превенција. Од своја страна, генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејезус предупреди дека епидемијата продолжува да се шири и сè уште не го достигнала својот врв. „Иако се чини дека бројот на починати се стабилизира на глобално ниво, некои земји постигнаа голем напредок во намалувањето на бројот, додека во други земји бројот продолжува да расте“, рече Гебејезус, додавајќи дека 11,4 милиони луѓе ширум светот се заразени и оти повеќе од 535,000 луѓе починале за шест месеци.