Камчев негира нелегално финансирање на ВМРО-ДПМНЕ

Архивска фотографија: Јордан Орце Камчев во суд како сведок во случајот „Рекет“

Одговорно ги отфрламе сите обвинувачки тврдења за нелегално финансирање на кампањата на ВМРО-ДПМНЕ за претседателските избори во 2019 година, реагира денеска фирмата Орха холдинг, во сопственост на бизнисменот Орце Камчев, откако лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во вчерашниот предизборен дуел со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, обвини дека Камчев нелегално ја финансирал ВМРО-ДПМНЕ.

Заев во дебатата му упати прашање на Мицкоски дали го познава Јордан Камчев.

„Од негови пари се повторно маиците и рекламниот материјал за оваа кампања“, праша Заев, кој подоцна повторно обвини дека опозицијата се финансира од Орце Камчев и Никола Груевски, додавајќи дека така ќе се борат за власт за да си ги покријат долговите и дека Рекет е само поткуп поддржан од Мицкоски.

Според Орка холдинг, целта на ваквите обвинувања „покрај борбата за власт е и дискредитирање, како на работењето на компанијата, така и директно на г-динот Јордан Камчев“.

Тие посочуваат дека и Државниот ревизор утврдил дека немало нелегално финансирање на кампањата на Гордана Сиљановска – Давкова на претседателските избори во 2019 година.

„Уште еднаш потврдуваме дека ВМРО-ДПМНЕ имаше долг кон една од нашите фирми кој е комплетно исплатен со пресметани камати“, се наведува во соопштението.

„Крајно непримерно е некој што бил на власт во оваа држава и претендира повторно да ја води оваа држава, да го употребува еден од најуспешните бизнисмени и една од најголемите македонски компании и работодавци во земјата за освојување на политички поени преку пласирање на комплетни невистини“, се наведува во соопштението, во кое се бара да „се расчистат сите криминали и нека одговараат сите одговорни, со што точно ќе се разоткријат редица на нелегални финансирања на политичари и посредници кои со децении живеат на грбот на приватниот бизнис во Македонија“.