Одобрен протоколот за концерти и други јавни настани

Министерот за здравство, Венко Филипче во болницата „Козле“, новиот Ковид-центар

Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска информираше дека Комисијата за заразни болести го одобрила протоколот за организирање јавни настани, кој минатата недела го предложија претставници на Здружението на музичари и на организатори на настани.

„Денеска е донесена дозвола да се организираат јавни настани со тоа што местото треба да биде пополнето не повеќе од 50 проценти од капацитет каде што ќе се организира настанот. Здруженијата земаат и обврска самите да го контролираат спроведувањето на превентивните мерки на местата каде што ќе има настани, што е апсолутно за пофалба таквиот нивни професионален пристап“, рече Филипче, за време на денешната посета на болницата „Козле“ во Скопје, која од минатата недела е новиот Ковид-центар.