Ситуацијата со коронавирусот во Македонија е критична

Ковид-19 тестирање во МАНУ

Македонија во групата земји со пораст на инфицирани од Ковид - 19 од над 100 проценти. Причината е непочитувањето на основните заштитни мерки.

Во изминативе две недели вкупно 22 земји во Европа пријавиле зголемување на бројот на заболени од коронавирусот како втор бран од пандемијата, покажуваат податоците на Светската здравствена организација. Дури и во земји каде што со недели не беа забележани случаи на заболени од ковид-19, со вториот бран повторно се врати вирусот. Таков е случајот со Словенија и Црна Гора каде што во изминативе две недели повторно се евидентираат заболени, но помалку од десетмина дневно.

На светската листа на земји каде што е забележан пораст од над сто проценти во однос на претходните две недели од ново заболени од коронавирусот покрај Македонија се и Израел со околу 300 случаи дневно, потоа Грција со пораст од 50-тина, БИХ со раст од 60 нови случаи, и Албанија со 66 нови случаи забележани вчера.Со раст до 90 проценти, на листата е и Шведска со последната бројка од вчера кога беа забележани 1239 нови случаи на заболени од ковид-19.

Видете и ова: Заразените со ковид-19 од свадбата во Скопје сè уште ги кријат контактите


Причината за ваквата ситуација е непочитувањето на основните заштитни мерки, вели претставничката на Светската здравствена организација во Скопје ЏиханТавилах.Таа во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе биде објавено в сабота, вели дека во Македонија ситуацијата е навистина сериозна и дека миксот од непочитување на мерките и лажните вести предизвика ситуацијата да ескалира.

„Јас мислам дека луѓето погрешно ја интерпретираа ситуацијата во која владата сакаше да ги олесни рестрикциите со цел да ја подобри економската состојба, и луѓето си помислија дека тоа е добро, дека вирусот го нема, и со лажните вести состојбата ескалираше. Јас можам да кажам нема време за одмор, дека нема време да се заборави на овој вирус и мора да се вратиме на нормалното, но мора да се адаптираме на новото нормално. Многу е критично сега, кога мора да инсистираме на сите индивидуални мерки за заштита“, вели доктор Тавилах.

ВИДЕО - Советите на СЗО за заштита од Ковид - 19

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

СЗО со 5 совети за заштитните маски

Микробиологот Никола Пановски неодамна зборуваше дека за зголемениот број заразени сега во земјава причината ја лоцира и во непочитување на мерките од дел од населението и несоодветната реакција на Министерството за внатрешни работи и другите органи кои треба да се грижат за спроведување на препораките.

„Каде што имаме неписмен народ кој верува во лаги на социјалните мрежи, кој верува во натприродни сили, а не во наука, мора да се преземат ригорозни мерки. Ако не се преземат болеста ќе си се шири и понатаму. Под ригорозни мерки мислам на казнување и контрола“, вели Пановски.

Видете и ова: Ресен три месеци се чуваше и на крај стана ново жариште на коронавирусот


Доктор Тавилах вели дека ваквата ситуација како претставник на СЗО ја забележува и во други земји како Италија и Шпанија, но и во земјите од регионот. Таа вели дека доколку луѓето соработуваат новите таканаречени меки мерки кои ги донесе Владата може да функционираат. Но, додава дека е потребно властите да ја модифицираат кризната комуникација за да испратат појасни пораки и можеби да ја симнат до локално ниво и да им објаснат на луѓето дека вирусот постои, дека тоа е опасен вирус, и дека луѓе умираат од тој вирус.

Според неа, е потребно подобра методологија за да се мобилизира населението и заедницата да придонесува повеќе. Истражувањето на СЗО за тоа кому најмногу му верува во пандемијата покажало дека граѓаните имаат доверба во одредени професионални асоцијации, како што е Лекарската комора, му веруваат на својот работодавач во она што им кажува, не сакаат да го изгубат работното место, не сакаат да го изложат своето семејство на ризик. Токму во тој контекст треба да биде посочена и пораката до граѓаните за да ги практикуваат основните мерки за заштита од вирусот.

„Но, може да замислите дека како секоја друга медитеранска земја или како и секоја друга балканска земја, јас доаѓам од Либан и ние имаме ист менталитет, а тоа е дека ние чувствуваме, народот чувствува дека тие знаат сè, дека знаат што треба да прават, мала е довербата во владините пораки за жал, и дека тие не сакаат да следат рестрикции, сакаат да се чувствуваат слободни, повеќе ќе го послушаат соседот или лажните вести отколку вистинските информации, и дека имаат повеќе доверба во семејството и она што ќе го кажат нивните пријатели“ вели Тавилах.

Во меѓувреме, министрите за одбрана на земјите членки на НАТО на вчерашниот видео состанок се договорија да преземат мерки за подготовка за можниот вториот бран на пандемијата со коронавирус. Тие договорија и насоки за јакнење на подготвеноста на случаи со нова криза предизвикана од пандемијата во секторите од енергетика до безбедност на синџирите на снабдување како и поддршка за партнерите и сојузниците во создавање на резерви од медицинска опрема.