Достапни линкови

Словенија и Црна Гора воведуваат построги мерки за влез


Архивска фотографија- словенечки медициски работник зема брис на граница

Словенечката Влада ги заостри условите за влез на патниците од „трети“ држави надвор од ЕУ, така што од полноќ нема да може да се влезе од БиХ, Србија и Косово без задолжителен 14-дневен карантин или негативен тест Ковид-19.

Тие држави, каде е забележано поголемо дневно зголемување на пациенти со коронавирус, се ставени на т.н. „црвена листа“ на епидемиолошки несигурни држави каде веќе е и Северна Македонија. Бугарија, која досега беше на „зелениот список“, е испратена на понизок „жолт список“, во кој се вклучени и неколку други земји на ЕУ со полоша епидемиолошка состојба, одлучи владата.

Црна Гора, пак,ја затвори границата со Босна и Херцеговина и повторно воведе задолжително носење маски, откако епидемијата во државата беше засилена од навивачи кои се враќаа во Црна Гора од Србија преку БиХ.

„Националното координативно тело одлучи привремено да ја исклучи БиХ од списокот на држави од кои се влегува Црна Гора без мерка институционална изолација. Од денеска, влезот од БиХ е можен со негативен ПЦР тест од акредитирана лабораторија”, соопшти црногорската Влада.

Потегот е преземен затоа што повеќето од деветте активни случаи на коронавирус во моментот биле „увезени од Србија од неодговорни лица кои влегле во Црна Гора преку БиХ“. Се работи за црногорски навивачи кои отпатувале во Белград преку БиХ за натпреварот помеѓу Црвена звезда и Партизан и се вратија на ист начин.

Тој натпревар се одигра пред 25.000 гледачи минатата недела, во време кога повеќето европски спортски натпревари се одржуваат без публика или со ограничен број гледачи.

XS
SM
MD
LG