ВМРО-ДПМНЕ: Заев лицитира датуми како на пазар

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат на изјавата на лидерот на СДСМ Зоран Заев за изборите. Од партијата велат дека Заев шпекулира за датуми, а денеска е најцрниот ден од коронакризата.

„Македонија веќе две недели живее продолжен пик. Секој ден од први јуни до денес броиме над 100 заболени и неколку мртви. Несериозно е Заев што лицитира датуми како на пазар за вака сериозни прашања“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Од таму велат дека инсистираат најпрвин на заштита на здравјето на граѓаните, а во однос на изборниот процес инсистираат за целосно почитување на Уставот и законите и меѓународните стандарди.

Заев претходно изјави дека нема да робува на 5 јули како датум за избори и да се држи фиксно до него. Тој вели дека е согласен изборите да се одржат на 8 јули. Тој ја повика опозицијата на одговорност, рационалност и конструктивност.

Потоа премиерот Оливер Спасовски изјави дека веќе нема потреба од вонредна состојба и дека избори мора да има за да се вратат сите институции во полн капацитет, затоа што мора да се справуваат со пандемијата и со економската криза.

Вечерва истекува четвртата по ред вонредна состојба, а лидерите на политичките партии се уште не се договорила за датумот за избори.