Достапни линкови

Заев согласен за избори на 8 јули


Зоран Заев

Лидерот на владејачката партија Зоран Заев изјави дека нема да робува на 5 јули како датум за избори и да се држи фиксно до него. Тој вели дека е согласен изборите да се одржат на 8 јули.

„Имајќи предвид дека и господинот Мицкоски и јас повеќе пати спомнувавме дека поприфатливо е изборите да се одржат во среда како неработен ден, еве отстапувам од 5 јули и согласен сум изборите да бидат на 8 јули среда, а во понеделник и вторник ќе гласаат болните и изнемоштените, граѓаните во самоизолација, граѓаните позитивни кои се во болници и дома, сите хронични болни, повозрасните луѓе“, рече лидерот на СДСМ и поранешен премиер Зоран Заев денеска од Струмица. Тој присуствуваше на увидот на завршните работи на новото болничко крило од струмичката болница заедно со премиерот Оливер Спасовски и министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој ја повика опозицијата на одговорност, рационалност и конструктивност. На Мицкоски и на раководството на ВМРО ДПМНЕ, како што рече, им порачува дека ја прави последната отстапка.

„Ако се прифати осми јули ќе го замолам претседателот на Владата и министрите да се соберат доцна во текот не денот, да свика владина седница и да донесат предлог за продолжување на вонредната состојба од три дена, овој пат заради договор со опозицијата, бидејќи немаме аргументи заради економски причини да барам вонредна состојба, но тие три дена ќе дадат правно разрешување на можноста, токму на осми јули да одиме заедно на избори“, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

Вечерва на полноќ истекува вонредната состојба, а лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, на вчерашната средба кај претседателот Стево Пендаровски не се договорија за датум за избори.

XS
SM
MD
LG