Отфрлена кривичната пријава за кумановскиот градоначалник

Максим Димитриевски, Оливер Спасовски и Арбер Адеми на средбата во Куманово после која високи владини функционери беа ставени во изолација

Јавното обвинителство соопшти дека е отфрлена кривичната пријава поднесена од СВР-Куманово против градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, и раководителот на кумановскиот ЦУК, за сторено кривично дело „Непостапување според здравствените прописи“, поради тоа што не се утврдени елементи на сторени кривични дела кои се гонат по службена должност.

Кривичната пријава во обвинителството била поднесена на 24 април 2020 година против две лица, со наводи дека пријавените лица за време на епидемија на опасна заразна болест постапиле спротивно на здравствените прописи, на начин што откако претходно биле тестирани и им било дијагностицирано присуство на вирусот Ковид-19, по што добиле и Решенија за задолжително домашно лекување и изолација, се упатиле на тестирање во Скопје во три приватни лабаратории, иако не смееле да го напуштаат просторот каде биле сместени.

По состанокот во април со министрите и техничкиот премиер, градоначалникот Димитриевски објави дека е позитивен на коронавирус, по што сите што беа на средбата, премиерот Оливер Спасовски, министрите Венко Филипче и Аребер Адеми и неколку други претставници на државни нституции, беа во самоизолација.