Достапни линкови

Спасовски и Филипче немаат корона, Димитриевски ту има ту нема


Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, премиерот Оливер Спасовски и министерот за образование Арбер Адеми. Владини претставници го посетија Општинскиот кризен штаб во Куманово, во време на пандемија на коронавирус на 15 април 2020
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, премиерот Оливер Спасовски и министерот за образование Арбер Адеми. Владини претставници го посетија Општинскиот кризен штаб во Куманово, во време на пандемија на коронавирус на 15 април 2020

Премиерот Оливер Спасовски и министерот за здравство Венко Филипче биле негативни на тестот за коронавирусот. Кумановскиот градоначалник објави дека е негативен на Ковид-19, откако кај него прво беше потврдено присуство на вирусот.

Главната вест во печатените и електронските медиуми е дека премиерот, Оливер Спасовски и министерот за здравство, Венко Филипче имаат негативни тестови за коронавирусот, но дека остануваат во изолација.

Порталот Курир.мк со прашање: „Кумановскиот градоначалник објави дека е негативен на Ковид-19 и ги отфрла сите наводи за негова позитивност на вирусот. Го местеше ли некој од власта Максим Димитриевски?“ Порталот Република исто така пишува на оваа тема. Порталот СДК.МК со наслов: „Кумановскиот градоначалник тврди дека е негативен на коронавирус, направил нови тестови во релевантни лаборатории“.

„СДСМ го поднесе барањето за свикување итна собраниска седница за да се потврдат одлуките за прогласување вонредна состојба поради пандемијата од страна на претседателот на државата, Стево Пендаровски“ – објавува Нова Македонија. Се додава дека иницијативата е потпишана од 35 пратеници, дека ВМРО-ДПМНЕ не ја поддржува и дека ДУИ остава простор да ја разгледа иницијативата пред да се изјасни, и дека претседателот на Собранието Талат Џафери прво ќе ја разгледа па потоа ќе се изјасни за оваа иницијатива.

Курир.мк пишува дека „најголемата причина за иницијативата на СДСМ за свикување на Собранието е можноста ако имаат ʼповолен ветерʻ да направат брзи ʼкорона избориʻ во јули“. И порталот Република ја загатнува истата тема: „Што се крие зад барањето на СДСМ за свикување на распуштениот парламент?“

Слободен печат, пак, ја пренесува изјавата на независната пратеничка Ивана Туфегџиќ дадена за Слободна ТВ: „Немам слушнато никаде во светот опозицијата да е против свикување на седница каде би се контролирала работата на Владата“.

И најновото издание на неделникот Капитал обработува теми за пандемијата на Ковид-19. Внимание привлекува текстот со наслов: „Кризата ги соголи меѓународните односи – Диктатурите контролираат луѓе, ама не и вируси“. Притоа Капитал има интересна теза: колку конфронтацијата помеѓу западните земји и Кина што станува сѐ поотворена наметнува сериозни прашања за тоа како и сега, но и посткризно ќе се развиваат односите помеѓу Западот и Истокот и дали тешките зборови или пострашно – тешките дела (доколку се докажат) што ги предизвикале нема да ја отворат Пандорината кутија во која со децении стоеше скриено едно лажно и лицемерно пријателство меѓу суштински и длабоко неспоиви не само идеологии, кога фактот што светот не умее да се справи и да контролира еден вирус, не ги уништува амбициите на режимите да контролираат луѓе во желбата за целосна моќ.

Неделникот Фокус објавува колумна токму за неуништивите амбиции на режимите да контролираат луѓе. „Слоганот на еден од главните американски весници Вашингтон пост е дека демократијата умира во темнина“, пишува колумнистот, па додава: „На примерите на Америка, Унгарија или на Турција гледаме дека таа умира и на светлина ако главните вести се изјавите на автократи, кои го свртуваат вниманието на јавноста подалеку од главната тема за состојбата на демократијата во вакви времиња“.

  • 16x9 Image

    Горица Попова

    Родена е во Кочани, дипломирала во 1976 год. на Филозофскиот факултет во Скопје. Како новинар работи над 30 години. Почнала во Македонско радио- Радио Скопје во 1978 год. Од јуни 2009 год. е соработник на Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG