Половина држава во карантин, нема одење на гробишта за Задушница

Министерот за здравство Венко Филипче

Од утре вечер во 21 часот до 5 часот во понеделник наутро се воведува полициски час во сите скопски општини, Куманово, Општина Липково, Штип, Тетово, како и во општините Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, одлучи владата на денешната седница, соопшти вечерва министерот за здравство Венко Филипче. Во сите останати градови, полициски час ќе има од утре во 21 часот до петок во 5 часот наутро, додека во останатите денови ќе почнува од 16 часот до 5 часот наутро. Се забранува и посета на гробишта во цела Македонија, освен за погреби. Во петок и во сабота е Задушница, кога православните верници ги посетуваат гробовите на своите најблиски и раздаваат храна за душа на покојните.

Петок се прогласува за неработен ден за сите граѓани.

Министерот Филипчерече дека земјоделците ќе може да се движат само за извршување на работните задачи, а аптеките ќе работат непречено. За претстојниот карантин ќе важат дозволите за движење претходно издадени.

Во последните 24 часа се направени 974 тестирања, а регистрирани се 101 нови случаи на ковид-19. Новозаразени по градови се регистрирани во Скопје 59, Куманово 12, Штип 7, Прилеп 1, Тетово 5, Струга 6, Велес 1, Охрид 1, Кавадарци 1, Гостивар 3, Кочани 3 и во Пробиштип 2.