Филипче - Почитување на мерките или враќање кон рестрикции

Архивска фотографија: Министерот за здравство Венко Филипче вечерва изјави дека не постои друг излез од кризата на коронавирусот освен почитување на мерките за заштита.

Вирусот ќе го победиме со многу дисциплина и безусловно почитување на мерките, оние кои не веруваат во тоа треба да ја погледнат состојбата во Општина Дебар, која беше прва што влезе во карантин, а денес со недели нема ниту еден нов случај, напиша вечерва на социјалната мрежа Фејсбук министерот за здравство Венко Филипче.

„Ова е заслуга на граѓаните и нивното дисциплинирано однесување. Ние не можеме вечно да живееме во карантин, бидејќи тоа е штетно за менталното здравје на граѓаните, за економијата, за целото општество“, наведе Филипче.

Тој додава дека постојат два избора: едниот е враќање на животот во нормала почитувајќи ги безусловно мерките, а другиот е враќање кон силни рестрикции.

„Изборот е наш, друг излез од оваа состојба за жал не постои“, вели Филипче апелирајќи граѓаните да се воздржат од групирање, да одржуваат дистанца, да носат заштитна опрема и да внимаваат на хигиената.

Во Дебар веќе 45-ти ден нема новозаразени од коронавирус, а нема ниту пациенти кои се јавуваат со сомнителни симптоми на вирусот, потврдуваат од Општата болница во Дебар.

Продолжена вонредната состојба за нови 14 дена

Инаку денеска претседателот на државата Стево Пендаровски прогласи нова вонредна состојба од 14 дена по одржувањето на седмата седница на Советот за безбедност.

Тој образложи дека одлуката ја донел за да овозможи Владата и другите надлежни институции поефикасно да се справат со пандемијата, со оглед на зголемениот број на заразени и починати лица, откако само во последните 24 часа во земјава беа регистрирани 5 смртни случаи и 35 новозаразени од Ковид -19.

Пендаровски рече дека во некои општини постои сериозна загриженост и дека надлежните органи мора да ги санкционираат сите граѓани кои не ги почитуваат мерките, независно од нивната етничка и верска припадност.

Денеска Министерството за здравство соопшти дека во соработка со Центарот за јавно здравје и со асистенција на полицијата ќе направи акција за земање епидемиолошки анкети од семејството на лицето кое почина во приватна болница, а било погребано без протокол за Ковид -19 и покрај тоа што посмртниот брис му бил позитивен.

„За овој случај Центарот за јавно здравје Скопје информираше дека семејството не сакало да се тестира и да соработува со епидемиолозите и покрај тоа што на погребот присуствувале 200 луѓе“, се вели во соопштението на Министерството за здравство.

Мицкоски - Македонија го живее вториот бран на коронавирусот

Опозицијата денеска излезе со критики кон власта во справувањето со кризата на коронавирусот. ВМРО-ДПМНЕ во партиско соопштение наведува дека власта на СДСМ не успеала да го заштити здравјето и животот на граѓаните, бидејќи имала други приоритети.

Претходно и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес-конференција обвини дека земјата е со најголем број на починати и заразени луѓе во регионот и дека власта и СДСМ треба да „престанат да лицитираат со датуми за избори и да се грижат за здравјето на граѓаните.“