Авганистан ослободува 900 талибански затвореници

Авганистанската влада ослободува уште 900 затвореници талибанци, по тридневниот прекин на огнот, соопштија авганистанските власти.

Прекинот на борбите стапи на сила на 24 мај за одбележување на муслиманскиот празник Рамазан Бајрам.

Владата донесе одлука денеска да ослободи 900 затвореници, рече портпаролот на Советот за национална безбедност, Хавид Фајсал. Доколку плановите се исполнат, тоа ќе биде најголемата група талибански затвореници ослободени досега.

Во февруари, Соединетите Држави и талибанците потпишаа договор со цел да се стави крај на војната во Авганистан. Дел од договорот е и ослободување на талибански затвореници, а милитантите треба да ослободат 1.000 заробеници.

Со најновото ослободување на талибански затвореници бројката на ослободени ќе достигне 1.100 од почетокот на април,додека милитантната група досега ослободи 245 заробени припадници на безбедносните служби, државни и други службеници.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео го поздрави прекинот на огнот, но предупреди дека ослободените талибанци не треба да се вратат на бојното поле.