НАТО: Русија досега селективно го спроведуваше договорот за „Отворено небо“

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг по состанокот на сојузниците околу договорот за „Отворено небо“ изјави дека Алијансата е цврсто посветена на зачувувањето на ефикасната меѓународна контрола на оружјето и разоружувањето.

„Сите се согласивме дека државите потписнички на Договорот „Отворено небо“ мора да се придржуваат до своите обврски. Сите сојузници на НАТО се во целост усогласени со уредбите од договорот“ изјави по состанокот Столтебгер.

Состанок на НАТО по одлуката на Трамп за „Отворено небо“

САД се повлекуваат од договорот „Отворено небо“

До овој состанок дојде откако САД вчера најавија дека имаат намера да се повлечат од договорот „Отворено небо“ заради кршење на договорот од страна на Русија. Американските медиуми објавија дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп ги известила останатите 34 потписнички на договорот.

„Русија веќе многу години наметнува ограничувања кои не се во согласност со Договорот, вклучително и ограничувања на летови над Калининград и ограничувања на летовите во близина на границата со Грузија. Тековната селективна имплементација на обврските на Русија од Договорот за „Отворено небо“ го поткопува придонесот на овој важен Договор за безбедност и стабилност во евроаталнскиот регион“, изјави Столтенберг.

Осумнаесет годишниот договор, кој ја вклучува Русија, има за цел да ја зголеми меѓународната стабилност со тоа што ќе им овозможи на државите потписнички да вршат летови за надзор над територијата на другите, за да набљудуваат воени инсталации и други објекти.

Земјите членки на НАТО ја повикаа Русија во целост да го почитува Договорот уште по самитот во Велс во 2014 година, потоа повторно на самитот во Варшава во 2016 година и повторно на самитот во Брисел во 2018 година. Столтенберг изјави дека НАТО ќе продолжат да се стремат кон конструктивен однос со Русија, кога постапките на Русија тоа го дозволуваат, затоа што враќањето на Русија кон целосно исполнување на договорот е најдобар начин за зачувување на придобивките од него.