Ќучук: Фер избори, побрзо формирање Влада и функционален Парламент

Илхан Ќучук

Известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, смета дека треба да се организираат фер и демократски избори што е можно побрзо, за државата да може да има функционална Влада која ќе може да понесе одговорност и Парламент, кој ќе може да ја контролира нејзината работа.

Тој, во интервју за МИА, вели дека секоја техничка власт е ограничена во својот мандат и во своите надлежности и затоа е најдобро е да има политичка влада која ќе има одговорност пред граѓаните, да презема обврски пред меѓународните партнери и да има коректор во парламентот.

„Без да навлегувам во внатрешните работи, се разбира дека земјата има закони, има устав кои треба да се почитуваат, но гледано од Брисел како известувач за земјата, интерес и на ЕУ и на Северна Македонија е таа да има избори кои ќе бидат демократски, фер и слободни и кои ќе дадат можност за формирање на Влада што е можно побрзо, за да има и функционален Парламент, кој ќе ги контролира решенијата што ќе ги носи власта“, вели Ќучук.

Тој додава не сака да коментира колку е можно да се организираат избори во услови на пандемија, туку истакува дека тоа е политичко прашање, а главен треба да биде интересот на граѓаните и нивното здравје.

Ќучук во интервјуто вели дека преговарачката рамка и извештајот најверојатно нема да бидат во јуни, туку подоцна.