Утре седница на националниот Совет за безбедност

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски

Во Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски утре со почеток во 13:30 часот ќе се одржи седница на националниот Совет за безбедност. На седницата, покрај постојаните членови на Советот, на покана на претседателот Пендаровски, ќе присуствува и д-р Жарко Караџовски од Комисијата за заразни болести.

Се очекува на седницата да се расправа за евентуално продолжување на вонредната состојба, врз основа на предлог на Владата, која својот став го прецизира на вчерашната седница. Министерот Венко Филипче најави дека ќе биде побарано продолжување на вонредната состојба, но не прецизираше дали ќе се бараат нови 30 денови, или помалку.

Вонредната состојба што ја прогласи претседателот Стево Пендаровски на 16 април истекува в сабота. Ваквата состојба поради коронавирусот, првично беше прогласена на 18 март, по што беше донесена уште една одлука за нови 30 дена.