Османи: првата меѓувладина конференција за време на германското претседателство

Архивска фотографија- вицепремиерот Бујар Османи

Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи во интервју за МИА вели дека реални се очекувањата земјите – членки на Европската унија да постигнат усогласување за преговарачката рамка во втората половина од оваа година, доколку не дојде до некои посериозни нарушување на политичките процеси во ЕУ.

„Тука е секако клучно и претседавањето на Германија со Европската Унија во овој период, земја која е силен поддржувач, може да се рече и предводник на процесот на проширување, кои сигурно нема да ја пропуштат можноста и ќе дадат сè од себе за успех и одрж вање на првата меѓувладина конференција за време на нивното претседателство“, вели Османи.

Во однос на изјавата на Бугарија прикачена кон записникот на седницата на Советот за општи работи на Европската унија од 25 март, Османи вели дека тоа е издвоено мислење, кое не е став на Европската Унија, туку засебно мислење на една земја – членка.

„Тоа не ја отстранува нивната формална можност во секој дел и период од преговорите да ја употребат можноста за вето, но тие тоа можеа да го сторат и на Советот во март, кога се носеше одлука за почеток на преговорите“, вели Османи.

Тој додава дека Бугарија, како добар сосед, заедно со Грција, се најголемите лобисти кои жестоко се бореле за да се оформи консензус во рамките на ЕУ за одлуката за почеток на преговорите.

Инаку земјите членки на унијата на седницата на Советот за општи работи на ЕУ на 25 март се согласија на Северна Македонија и Албанија да им се даде зелено светло за почеток на преговорите за зачленување. Изјавата на Бугарија е прикачена од записникот од таа седница. Во неа меѓудругото се бара Скопје да престане со каква било поддршка на организации кои се декларираат како македонско малцинско во Бугарија, а јазикот во ЕУ документите и преговарачката рамка да се именува како официјален јазик на Република Северна Македонија, а не како македонски јазик.

На самитот на ЕУ, пак, есента минатата година земјава не доби датум за почеток на преговорите со ЕУ пред се поради блокадата на Франција која бараше нова методологија за преговори со земјите кандидатки за зачленување во Унијата. Официјален Париз даде зелено светло откако Европската комисија подготви нова методологија за преговарање.