Николоски: Обвинителството да поведе постапка против Заев за „Рекет“

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски пред седиштето на партијата

Обвинителството да ја прошири истрагата за „Рекет“ и да го осомничи Зоран Заев како организатор на случајот „Рекет“, побара денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на прес-конференција. Тој порача дека Зоран Заев треба да одговори зошто според тврдењето на прво осомничениот Бојан Јовановски го предупредил дека бил под истрага и против него имало случај уште на 3-ти април, далеку пред да биде покренато обвинение против инволвираните во случајот „Рекет“?

„Ако на 3-ти април ги предупредил осомничените тогаш е невозможно на 22-ри април минатата година да пријавил нешто всушност за што не доставил писмена белешка како доказ во јавноста дека навистина го пријавил. Втората дилема е што барала главната обвинителка Русковска во друштво со првоосомничениот Бојан Јовановски, со кој што нарачувале монтирани медиумски прилози за неистомислениците на Русковска во судството и обвинителство. Ова открива две работи, имало медиум којшто бил злоупотребуван од власта и постои целосна соработка помеѓу обвинителството, трас трас судството и Зоран Заев“, изјави Николовски.

Обвинетиот Бојан Јовановски - Боки 13, при денешното изнесување на одбраната, изјави дека „поранешниот премиер Зоран Заев го известил еден месец пред случајот да биде пријавен во Обвинителството“. Заев, како што сведочеше Јовановски пред Судот, „по емитувањето на емисија на 1ТВ, во неговата канцеларија во телевизијата, го известил дека странски служби ги следеле Боки и Катица Јанева и дека ситуацијата е многу сериозна“.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев на прес конференција попладнево не негираше дека имал средби со Бојан Јовановски, кој е обвинет во случајот „Рекет“ во телевизијата кога гостувал, но како неточни ги оквалификува неговите изјави дека му кажал оти го следат странски служби и него и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.