Спасовски - Заев: Делчев е лидерот кој обединува, патоказ за иднината

Архивска фотографија - Зоран Заев и Оливер Спасовски

Денеска, горди оддаваме чест на 117-годишнината од трагичната смрт на македонскиот апостол Гоце Делчев – лидерот кој обединува, а не разединува, напиша денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по повод 117 годишнината од смртта на македонскиот револуционер.

„Додека беше жив, Гоце Делчев беше срцето на македонската револуционерна организација која се бореше за полна политичка автономија на Македонија и на Македонците“, напиша меѓу другото Заев.

Поранешниот премиер вели дека и чествувањето на Гоце Делчев треба да обединува исто како што обединуваше Гоце Делчев како водач на македонското револуционерно дело.

Последниве десетина дена во Македонија е жестока полемиката околу Гоце Делчев и „историскиот спор“ меѓу Македонија и Бугарија, а особено по изјавите на д-р Денко Малески за националноста на Делчев.

И актуелниот премиер Оливер Спасовски денеска со објава по повод годишнината од смртта на револуционерот.

„Го продолжуваме делото на нашиот великан Гоце Делчев. Гоце Делчев е светлото име кое ја означува нашата борба за слобода и за независна Македонија. Гоце Делчев е нашиот голем учител, нашиот пожртвуван револуционер, нашиот патоказ кон иднината“, напиша Спасовски на Фејсбук.