Министерката Ангеловска ги појаснуваше новите мерки за државна помош

Министерката за финансии, Нина Ангеловска, објави дека најпогодените компании од угостителството туризмот и транспортот ќе можат да земат вкупна финансиска помош од 19.500 денари по вработен. Таа и министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска имаа средба со претставници на овие сектори на која, како што рече се разјаснети дилемите произлезени од вчерашната Уредба за помош на погодените претпријатија од коронакризата.

„Најпогодените сектори можат да добијат дополнителна поддршка на страна од 14. 500 денари од уредбата за финансиска поддршка. Тоа значи дека сите компании од овие сектори угостителство, туризам и транспорт кои работели во позитива последните три години, кои не се должници на УЈП за даноци или немаат кредити од 90 дена кои не ги платиле на денот на достасаноста на обврската, имаат право истовремено да ги користат мерките за надомест на плата во висина од 14.500 денари по вработен и 50% субвенционирање на придонесите, во висина до просечна плата објавена за 2019 годин“, рече Ангеловска.

Втората промена, додаде Ангеловска, е за заштита на вработените. Финансиска поддршка нема да добијат компаниите кои зависно од големината отпиштиле над 5 , 10 или 15 отсто од вработените.

Мартин Ангеловски од Групацијата на угостители во Туристичко угостителската комора при ССК, изјави дека на состсанокот се дискутирало за сите нови мерки, но не и за она што го бара секторот. Тој рече дека е потребна поголема соработка при подготовка на мерките.