ЕК: Обновување на летовите со физичко дистанцирање

илустрација

Европската комисија во мај ќе воведе серија правила за безбедно продолжување на патничките летови по укинувањето на вонредните мерки, вклучувајќи ги физичкото дистанцирање на аеродромите и во авионите, најави еврокомесарката за транспорт Адина Валеан.

Таа на Твитер напиша дека ќе треба да се следат одредени правила за физичко растојание на аеродромите и во авионите со цел да се гарантира безбедноста на патниците. Валеанова додава дека ќе се размисли и за носење маски и за дезинфекција на авионите и аеродромите.

„Сето ова треба да биде дел од упатствата и веројатно во средината на мај ќе можеме да ја претставиме оваа стратегија на која работиме“, објави таа.

Авиокомпаниите изразија загриженост дека ваквите мерки за забавување на ширењето на пандемијата може да ја загрозат долгорочната исплатливост по завршувањето на ограничувањата за патување.

Меѓународната Асоцијација за воздушен сообраќај (ИАТА) проценува дека кризата би можела да ги чини авиокомпаниите вкупно 314 милијарди долари.