Георгиева: Потребни се специјални мерки за борба со пандемијата

Архивска фотографија - Директорката на ММФ, Кристалина Георгиева

Директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, изјави дека ММФ ќе мора да разгледа специјални мерки за да им помогне на земјите да се изборат со пандемијата со новиот коронавирус и негативните последици по економијата. Според неа, Фондот веќе презел посебни чекори за да ослободи средства посебно за пазарите и земјите во развој, кои се соочија со одлив на рекордни 100 милијарди долари.

Ќе бидат потребни повеќе средства ако продолжат да растат пазарните притисоци, иако кредитите не се најдобро решение со оглед на тоа што голем број држави веќе се презадолжени, смета Георгиева.

Таа укажа и на потребата од зајакнување на соработката со другите меѓународни институции и приватниот сектор. Нејзината изјава следува откако минатата недела ММФ и Светска банка соопштија дека на поголема група држави, покрај 77 најсиромашни на кои веќе им е ветена суспензија на отплатата на долгови, ќе им бидат потребни олеснувања за исплата на долгот. Според последната прогноза на ММФ, годинава поради пандемијата со Ковид-19 се очекува пад на светската економија од три проценти, најголем од Големата депресија во 30-тите години од минатиот век.