Достапни линкови

ММФ: Светот би можел да се соочи со својата најлоша рецесија


Меѓународен монетарен фонд, лого

Глобалната економија се очекува да се намали за 3 проценти во 2020 година, како резултат на колапсот после пандемија со коронавирусот, со што ќе се забележи најостр пад од Големата депресија од 1930-тите, соопшти денеска Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

„Многу е веројатно дека годинава глобалната економија ќе ја доживее својата најлоша рецесија од Големата депресија, надминувајќи го тоа што го видовме за време на глобалната финансиска криза пред десет години“, се вели во извештајот, кој го пренесува Ројтерс.

ММФ предвидува делумно подобрување во текот на 2021 година, но сепак додаваат дека прогнозите се обележани со „екстремна неизвесност“ и дека во зависност од текот на пандемијата, економскиот исход би можел да биде полош.

„Според најдоброто сценарио ММФ очекува светот да изгуби девет илјади милијарди во текот на две години, што е повисоко од комбинираниот бруто-домашен производ на Германија и Јапонија“, соопшти Џита Џопинат, водечки економист во ММФ.

Прогнозите на ММФ се дека пандемија на коронавирусот ќе достигне врв кај повеќето земји во текот на вториот квартал и дека ќе исчезне во втората половина на годината, кога постепено ќе се отвораат разни бизниси. Подолга пандемија која би можела да потрае и после третиот квартал пак, би можела да предизвика натамошно намалување од три проценти во 2020 година и уште побавно закрепнување во текот наследната година, соопшти ММФ.

XS
SM
MD
LG