Русија го чека пикот на заразата со Ковид -19

Москва, 20 април 2020

Русија го забави ширењето на коронавирусот, но земјата се уште го чека пикот на заразата, изјави рускиот претседател Владимир Путин.

Тој по разговорите со здравствените власти во земјата, рече дека Владата ќе започне да ги олеснува мерките, доколку медицинските експерти кажат дека е сигурно да се појде по тој пат.

Во Русија како мерка за спречување на ширењето на вирусот цел април е прогласен за неработен, а во многу региони е воведен режим на самоизолација. Градоначалникот на главниот град на Русија, Москва, Сергеј Собјанин изјави дека строгите мерки и масовното тестирање во престолнината придонеле за спречување на голем прилив на пациенти во тешка состојба, со што се намалува и притисокот врз здравствениот систем.

Во Русија бројот на дијагностицирани со вирусот изнесува 47.121, а починале 405.