Тутунарите в понеделник ќе смеат да излезат за да подигнат субвенции од банкомат

Субвенциите за тутун веќе се на банкарските сметки на корисниците. Трансакциите се успешно извршени преку Македонскиот интербанкарски платен систем, којшто денес работеше за средствата да им бидат достапни на сите тутунари коишто се приматели на субвенции, информираат од Народна банка.

Од Народна банка апелираат секогаш кога тоа е можно, за плаќање со средства од субвенциите да ги користите дебитните картички и да го избегнувате користењето готовина (кеш). Со тоа ќе го заштитите и сопственото здравје, и здравјето на другите, велат од Народна банка. Од таму велат дека доколку сепак треба да се подигнат парите, тоа да се прави на банкоматите, во општините каде што живеат тутунарите веќе во понеделник (20 април), од 16 до 23 часот. Движењето за тутунарите во тој период ќе биде дозволено за да ја остварат таквата потреба.

За тие пак кои немаат дебитни картички субвенциите ќе може да ги подигнат во филијалите на банките, но по азбучен ред според првата буква од презимето, почнувајќи од 21 април до 24 април. Тогаш банките во општините каде што има тутунари ќе работат со продолжено работно време од 8 до 17 часот.