Нови 36 случаи на коронавирус, тројца починати, 18 излечени

Возило на брза помош во Куманово

Министерството за здравство денеска соопшти дека на Клиниката за инфективни болести починаа две пациентки од Куманово и Крушево на возраст од 85 и 77 години. Во денешната евиденцијата е регистриран и еден починат пациент од струшкото село Лабуништа, кој имал хируршка интервенција во болницата Филип Втори, а бил ковид-позитивен. Пациентот починал пред три дена, за што неговиот матичен лекар денеска го информирал Институтот за јавно здравје.

Како што се наведува во соопштението, денеска се регистрирани вкупно 18 оздравени пациенти. Од Клиниката за инфективни болести си заминале 11 пациенти, двајца од болницата во Дебар, а регистрирани се и петмина оздравени пациенти (двајца од Кочани и тројца од Скопје) кои се лекувале во домашни услови, а кои по два контролни теста се негативни на коронавирусот.

Во изминатите 24 часа се потврдени 36 нови случаи на КОВИД-19. По градови најмногу во Скопје - 22, следат Куманово - 4, Прилеп - 3, Струга - 3, Велес – 3 и Битола - 1.

Со новозаболените вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 во земјава изнесува 1117. Според местото на живеење, досега се регистрирани случаи во: Скопје – 389, Куманово – 310, Дебар – 51, Штип-32, Прилеп – 103, Тетово – 48, Струга – 53, Велес – 43, Битола –16, Охрид –7, Кавадарци – 4, Гостивар –12, Гевгелија – 4, Струмица – 2, Крива Паланка - 4, Радовиш – 4, Крушево – 3, Кочани – 26, и по два во Пробиштип, Кичево и Неготино.

На Инфективната клиника во Скопје примени се пет нови пациенти, а во моментов се хоспитализирани 54. Од нив 18 пациенти се на кислородна поддршка, а пет пациенти се на механичка вентилација.

Во ГОБ „8 септември“ примени се седум нови пациенти, од нив еден веднаш е ставен на респиратор. Вкупно се хоспитализирани 37 пациенти, од кои 10 со потешка клиничка слика, а на респираторна машина се приклучени вкупно седум пациенти.

Во болницата во Битола се лекуваат осум ковид-позитивни пациенти, од кои три лица се повремено на кислородна поддршка, останатите се стабилни. Примени се две лица со симптоми на вирусот на кои им е земен брис, а тие се сместени во изолација.

Во штипската болница се хоспитализирани осум пациенти со коронавирус, стои во соопштението од Министерството за здравство.