Достапни линкови

Вести

Бектеши: Без редари во маркети, пекари, продавници... казна и до 2000 евра

Крешник Бектеши
Крешник Бектеши

Во маркетите, продавниците, пекарите… од денеска мора да има редарска служба, а за непочитување следуваат казни, соопшти денеска министерот за економија, Крешник Бектеши, презентирајќи ја Уредбата која беше донесена на владина седница.

„Сите трговци од денеска се должни да обезбедат редарска служба при влезот и во внатрешноста на објектот за да се запази минимум потребното растојание меѓу лицата и да се обезбеди спроведување на дезинфекција на раце при влез во објектот. Исто така трговецот, е должен да постави соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум растојание од 2 метри за чекање во ред на лицата пред и во објектот и тоа пред секоја каса за наплата и пред влезот на објектот“, рече Бектеши.

Тој посочи дека за малите и микро трговци е предвидена глоба од 500 до 1 000 евра, додека за средните и големите казната изнесува од 1 000 до 2 000 евра.

„Сметаме дека не е задоцнета мерката имајќи предвид дека одржавме неколку состаноци. Согласно моите сознанија некои веќе почнале да го имплементираат тоа, но имајќи предвид дека се очекува и пикот на ширење на вирусот мислевме дека треба да донесеме уредба со законска сила со која за сите кои даваат услуги ќе има контрола од Државен пазарен инспекторат, но истовремено и граѓаните ќе имаат можност да пријавуваат“, рече Бектеши.

Министерот порача дека Државниот пазарен инспекторат ќе врши засилен надзор, а граѓаните ги повика да пријавуваат на телефонскиот број 191.

види ги сите денешни вести

Владата го усвои предлогот за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски

Љупчо Коцевски, државен јавен обвинител
Љупчо Коцевски, државен јавен обвинител

Владата на седница денеска усвои предлог за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, по што ќе го достави до Собранието.

Портпаролката на Владата, Марија Митева попладнево во изјава за медиумите рече дека со предлогот за разрешување на Коцевски од функцијата, Владата ја продолжува постапката која согласно законските ограничувања била привремено стопирана за време на изборниот период.

„Причините за оваа иницијатива се јавни познати, и Владата досега повеќепати ги има образложено, доследно, транспарентно и во интерес на заштита на институционалниот интегритет и одговорност. Нашата цел останува недвосмислена - јакнење на правната држава и обезбедување непречено функционирање на органите на прогон во служба на граѓаните“, рече Митева.

Предлогот до Собранието за разрешување на Коцевски од функцијата, рече, е врз основа на член 88 став 1 од Законот за Јавно обвинителство, а по претходно добиено мислење од страна на Советот за јавни обвинители.

„Поради направени крупни професионални грешки при раководењето со Јавното обвинителство, што доведува до нарушување на ефикасноста и функционалноста на ЈО. Неовластено изнесување информации, податоци за судски предмети, со што ја повредил обврската за тајноста на постапката согласно закон. Нарушување на угледот на Јавното обвинителство и неговиот личен углед, не постапувајќи согласно обврските предвидени со Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот“, рече Митева.

За најавата за разрешувањето, денеска се изјасни и државиот обвинител Коцевски.

Тој рече дека за да биде разрешен, според актуелниот закон, требало да стори некаква тешка дисциплинска постапка. Во неговиот случај, како што кажа, такво нешто нема, а тоа го потврдува и мислењето на Советот на јавни обвинители.

„Согласно законот, важечкиот закон, јас треба да сторам тешка дисциплинска повреда. Советот на јавни обвинители констатираше дека од моја страна не е сторена тешка дисциплинска повреда, понатаму постапката е – оди предлогот до Влада, односно Владата може да го достави до Собранието, тоа не е моја надлежност“, изјави Коцевски.

Портпаролката Митева коментирајќи ја изјава на државниот јавен обвинител дека неговото разрешување што го најавува Владата и премиерот е „нивна политичка одлука“.

„Можеме често да ги слушнеме таквите изјави на оние неколкумина коишто постојано бараат некаков мотив во нивното непостапување или во кршењето на законот и Уставот за коишто се избрани пред граѓаните“, изјави Митева.

Собранието на 29 јули, годинава со 71 гласа „за“ и без ниту еден „против“ и „воздржан“ ја прифати интерпелацијата за работата на Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, поднесена од Левица.

Собранието изгласа и заклучок во кој констатира дека наводите во интерпелацијата за работата на државниот јавен обвинител Коцевски се основани, и кој требаше да се достави до Владата и до државниот јавен обвинител.

Собраниската интерпелација има улога како политички притисок и ја одрази недовербата од страна на пратениците. Но, одлуката за понатамошно разрешување или останување на функцијата зависи од самото обвинителство и Владата.

Основната разлика помеѓу механизмот на интерпелација на Коцевски поднесена и изгласана во Собранието и постапката на Владата за негово разрешување се во нивната правна обврзност.

Интерпелацијата нема правно обврзувачко дејство за разрешување на обвинителот и не може сама по себе да иницира правно дејство или да изврши разрешување. Другата постапка која ја потегна Владата за разрешувањена обвинителот Коцевски е законски регулирана процедура со јасни чекори и правни ефекти.

Мустафа Хајрулахи поднесе оставка од обвинителската функција, Советот на јавни обвинители ја прифати

Мустафа Хајрулахи
Мустафа Хајрулахи

Советот на јавни обвинители на денешната седница донесе одлука за престанок на функцијата јавен обвинител за Мустафа Хајрулахи, поранешен шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, по негово сопствено барање.

Хајрулахи беше суспендиран откако Основното јавно обвинителство Штип поднесе обвинителен акт за пет кривични дела „малтретирање во вршење на службата“ и едно за „злоупотреба на службената положба и овластување“, базирано на наводи дека во периодот од септември 2023 до октомври 2024 година, тој користел хиерархиска надреденост за континуирано психичко насилство и закани врз пет вработени жени, при што наводно им се заканувал дека „ќе ги дигнел на клоци“ или „ќе ги фрлел од 6-ти кат“ и се обидувал да ги принуди да потпишат изјави дека биле изманипулирани.

Хајрулахи категорично ги отфрли сите обвинувања, тврдејќи дека случајот е тенденциозен и политички монтиран со цел негово отстранување, поврзувајќи ја постапката со неговото постапување во врска со бонусите на СЈО.

На седницата, меѓу другото, Советот на јавни обвинители го избра и Башким Селими за нов претседател. Селими досега ја извршуваше функцијата заменик претседател на Советот. За нов заменик претседател беше избрана Маријана Илиевска.

Кошта: Некои кандидати можеби ќе ги исполнат условите за членство во ЕУ во не толку далечна иднина

Антонио Кошта, претседател на Европскиот совет
Антонио Кошта, претседател на Европскиот совет

Украина и безбедноста на нашиот континент и Повеќегодишната финансиска рамка на Европската Унија за 2028-2034 година, ќе бидат двете приоритетни прашања во фокусот на дискусиите на Самитот на ЕУ на 18 и 19 декември, наведува претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во поканата до шефовите на држави или влади на членките на Унијата за нивно учество на состанокот во Брисел.

Како што јавува МИА, Кошта наведува дека со оглед на напредокот што некои земји кандидати за членство во ЕУ го постигнаа на нивниот пристапен пат, дел од нив „можеби ќе ги исполнат потребните услови за да се приклучат кон Европската Унија во не толку далечна иднина“.

„Декемврискиот состанок на Европскиот совет ќе биде навремена можност да разговараме за идните чекори“, вели Кошта.

Тој потенцира дека декемврискиот Самит на ЕУ ќе започне со дискусија за Украина во услови кога „неодамнешните случувања“ ја истакнуваат потребата од итна акција од страна на Унијата.

„На октомврискиот Европски совет се обврзавме да ги покриеме итните финансиски потреби на Украина за 2026 и 2027 година, вклучително и за нејзините воени и одбранбени напори. На нашиот следен состанок треба да одлучиме, врз основа на тековната подготвителна работа, како да ја спроведеме таа обврска“, наведува Кошта.

Тој додава дека во исто време во тек се и „дипломатските напори за постигнување праведен и траен мир во Украина“, па во тој контекст лидерите ќе разговараат како „најдобро да продолжат да ги бранат интересите на Европа“ и како да биде зајакната преговарачката позиција на Украина.

„Важен дел од таа равенка треба да биде зголемениот притисок врз Русија“, додава Кошта, најавувајќи дека на почетокот на дебатата за Украина лидерите ќе имаат можност да се слушнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Претседателот на Европскиот совет во поканата нагласува и дека покрај за Украина, лидерите да се фокусираат на следната Повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 година.

Според него, важно е да се почитува оваа временска рамка, бидејќи на тој начин ќе ѝ се овозможи на Унијата да ги има новите програми за финансирање уште од почетокот на 2028 година, а во исто време ќе се покаже дека „во свет обележан со непредвидливост, Европската Унија е во состојба да одлучува навремено и разумно при дефинирањето на буџетските основи за своето дејствување“.

Тој наведува дека на Самитот ќе биде направен и преглед на спроведувањето на претходните одлуки за европската одбрана и безбедност, насочени кон „решително зголемување на одбранбената подготвеност на Европа до 2030 година“.

„Неодамнешните настани покажуваат дека Русија и Белорусија ја интензивираа својата хибридна кампања во Европа. Ова нè потсетува дека треба да ги забрзаме напорите во сите насоки кон нашата одбранбена подготвеност“, пишува Кошта во поканата.

Согласно вообичаената вообичаена практика, на состанокот ќе биде разгледан и напредокот во спроведувањето на заклучоци од претходните самити поврзани со миграцијата, при што Европската комисија ќе поднесе извештај за актуелните случувања во оваа област.

Вонредна состојба во Литванија поради шверцерски балони од Белорусија

Аеродромот во Вилнус мораше привремено да се затвори неколку пати во последните месеци поради навлегувањето на белоруски метеоролошки балони над литванскиот воздушен простор
Аеродромот во Вилнус мораше привремено да се затвори неколку пати во последните месеци поради навлегувањето на белоруски метеоролошки балони над литванскиот воздушен простор

Литванија денеска (9 декември) прогласи вонредна состојба на национално ниво поради големиот прилив на шверцерски балони што лебдат над границата од Белорусија. Владата на балтичката земја, членка на ЕУ и НАТО, соопшти дека мерката е неопходна поради ризиците за националната безбедност и цивилното воздухопловство.

Специјалната регулатива им овозможува на властите да реагираат побрзо и со поголеми овластувања при прекршувања на воздушниот простор и нарушувања на авионскиот сообраќај предизвикани од балоните.

„Во борбата против хибридниот напад од Белорусија мора да ги преземеме најстрогите мерки и да ги заштитиме најпогодените области. Сите надлежни институции ги здружуваат силите за да ја отстранат заканата од шверцерските балони“, изјави премиерката Инга Ругинене.

Таа додаде дека населението нема да биде засегнато од прогласената вонредна состојба.

Работата на аеродромите во земјата мораше неколку пати привремено да биде запрена во последните недели поради метеоролошки балони што влегуваат од Белорусија.

Според официјални податоци, аеродромот во Вилнус морал да биде затворен повеќе од 60 часа од октомври наваму, што влијаело на над 350 летови и околу 51.000 патници. Балоните често ги користат шверцери за незаконско пренесување цигари преку границата од авторитарната соседна земја. Бројот на балони, сепак, значително се зголеми во последниве месеци. Литванските власти тврдат дека некои од нив биле намерно испратени во летните траектории околу аеродромите.

Во меѓувреме, Европската Унија конечно се приближува кон санкционирање на Белорусија за пуштањето метеоролошки балони над Литванија во последните месеци.

Според литванските официјални лица кои разговараа со Радио Слободна Европа под услов на анонимност, вкупно 315 неовластени балони влегле во земјата од Белорусија од јуни, достигнувајќи врв во октомври со 71 упад во воздушниот простор.

Способни лесно да достигнат големи надморски височини и со тоа да го отежнат нивното забележување со радар, повеќето балони се користат за шверц на фалсификувани цигари произведени во Белорусија. Балоните можат да се користат и како алатки за саботажа со принудно затворање на аеродромите од безбедносни причини.

Литванија го привлече вниманието на Брисел за ова прашање кон крајот на октомври, а шефицата за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас, издаде соопштение во кое ги осудува „упорните и провокативни дејствија на Белорусија против ЕУ и нејзините земји-членки“.

Но, тогаш не беа издадени санкции од Брисел, особено затоа што Вилнус не изврши притисок врз ЕУ да тргне по тој пат. Наместо тоа, Литванија се обиде со друг потег: затворање на 700-километарската граница со својот сосед.

Но, Брисел има барем една алатка и таа ќе биде искористена веднаш: проширување на режимот на санкции на ЕУ врз Белорусија за да се вклучи можноста за таргетирање на оние што испраќаат балони во Литванија.

ЕУ долго време има санкции против режимот на белорускиот претседател Александар Лукашенко. Сепак, тие влијаат врз луѓето и компаниите вклучени во кршење на човековите права, како што се репресијата врз опозицијата и граѓанското општество, функционерите во Минск кои ја поддржаа војната на Русија против Украина или оние вклучени во „инструментализацијата на мигрантите“, при што Белорусија е обвинета за преместување на африкански и азиски мигранти кон границите на ЕУ за дестабилизација на соседните земји.

Предлогот, до кој имаше увид Радио Слободна Европа, би ѝ дозволил на ЕУ да санкционира луѓе и организации кои го загрозуваат „суверенитетот или независноста на една или повеќе од нејзините земји-членки“. Тоа го прави така што ги опфаќа сите вклучени во „планирање, насочување, вклучување, директно или индиректно, поддршка или на друг начин олеснување на какви било дејствија насочени кон функционирањето на демократските институции, економските активности или услугите од јавен интерес“.

Според нацрт-текстот, ваквите дејствија вклучуваат „неовластен влез на територијата на земја-членка, вклучително и нејзиниот воздушен простор“, како и „нарушување на функционирањето на критичната инфраструктура“.

Оваа мерка, која се очекува да биде одобрена од сите земји-членки на ЕУ пред Божиќ, би ѝ овозможила на Литванија (и на другите) да почнат да ставаат на црна листа повеќе Белоруси.

Но, тоа не е единствениот одговор што балтичката земја го има на ум.

Вилнус, исто така, сподели и други предложени рестриктивни мерки со Брисел што сака да му ги наметне на Минск во иднина.

Тие вклучуваат целосна забрана за трансакции за 10 белоруски банки, таргетирање на азотни ѓубрива покрај веќе санкционираниот белоруски поташ и воведување забрана од ЕУ за увоз на белоруско масло од репка и сол.

„Репортери без граници“: Израел е одговорен за најмногу убиени новинари

илустрација
илустрација

„Репортери без граници“ денеска, 9 декември соопштија дека Израел е одговорен за речиси половина од сите новинари убиени оваа година во светот, при што 29 палестински новинари биле убиени од неговите сили во Газа.

Во својот годишен извештај, групата за слобода на медиумите со седиште во Париз изјави дека вкупниот број на убиени новинари достигнал 67 на глобално ниво оваа година, што е малку повеќе од 66 убиени во 2024 година.

Израелските сили учествуваа со 43 проценти од вкупниот број, што ги прави „најлошиот непријател на новинарите“, соопшти Радио Слободна Европа во својот извештај, кој ги документираше смртните случаи во текот на 12 месеци од декември 2024 година.

Најсмртоносниот поединечен напад беше таканаречениот „двоен удар“ врз болница во јужна Газа на 25 август, во кој загинаа пет новинари, вклучувајќи двајца соработници на меѓународните новински агенции Ројтерс и Асошиејтед Прес.

Од почетокот на непријателствата во Газа во октомври 2023 година, загинаа речиси 220 новинари, што го прави Израел најголем убиец на новинари во светот три години по ред, покажуваат податоците на „Репортери без граници“.

Странските новинари сè уште не можат да патуваат во Газа - освен ако не се на строго контролирани тури организирани од израелската војска - и покрај повиците од медиумските групи и организациите за слобода на печатот за пристап.

На друго место во годишниот извештај на Радио, групата соопшти дека 2025 година била најсмртоносната година во Мексико во последните најмалку три години, со девет новинари убиени таму, и покрај ветувањата од левичарската претседателка Клаудија Шајнбаум да помогне во нивната заштита.

Воено разурнатата Украина (три новинари убиени) и Судан (четири новинари убиени) се другите најопасни земји за новинарите во светот, соопшти „Репортери без граници“.

Вкупниот број на смртни случаи минатата година е далеку помал од врвот од 142 новинари убиени во 2012 година, поврзан во голема мера со сириската граѓанска војна, и е под просекот од 2003 година од околу 80 убиени годишно.

Годишниот извештај на Репортери без граници, исто така, го брои бројот на новинари затворени низ целиот свет поради нивната работа, при што Кина (121), Русија (48) и Мјанмар (47) се најрепресивните земји.

Според извештајот, од 1 декември 2025 година, 503 новинари биле притворени во 47 земји низ целиот свет.

Ново обинение во Молдавија за наводните руски обуки во БиХ

Молдавското обвинителство подигна обвинение против уште пет лица за наводна обука во БиХ за предизвикување немири спроведена во Молдавија.
Молдавското обвинителство подигна обвинение против уште пет лица за наводна обука во БиХ за предизвикување немири спроведена во Молдавија.

Молдавското обвинителство ја заврши истрагата и подигна обвинение против уште пет лица кои наводно учествувале на обуки во Босна и Херцеговина (БиХ) со цел предизвикување немири во Молдавија, пред претседателските избори и референдумот за пристапување кон Европската унија во 2024 година.

Меѓу овие пет лица, од кои една е жена, на возраст меѓу 27 и 50 години, има државјани на Молдавија и еден обвинет од Украина со финско државјанство.

Двајца од обвинетите играле улога на коорганизатори, обучени за координирање на подгрупи на учесници во јавни манифестации од дестабилизирачка природа. Тие се во домашен притвор, иако обвинителите побараа продолжување на ефективен притвор, соопшти Обвинителството.

Во Молдавија веќе се води судска постапка за овие обуки против четири обвинети лица за организирање кампови во Босна и Херцеговина.

Сега обвинителството тврди дека тројца од новообвинетите биле поканети на обука од една од претходно обвинетите.

„Таа им пристапила и, бидејќи немале постојано вработување, им предложила да учествуваат на ’спортски тренинг‘ во Романија, за надомест од 400-500 долари неделно (плаќани преку електронски паричници во криптовалути). Другите двајца обвинети, жена и друг маж, биле убедени да патуваат од други лица кои веќе се испратени пред суд, користејќи ги истите мобилни апликации – Телеграм и Јандекс“, се вели во соопштението.

По пристигнувањето во Романија, петмината обвинети го продолжиле своето патување кон Босна и Херцеговина, каде што останале без пасоши и телефони.

Обвинителството тврди дека во БиХ биле транспортирани во камп во шума, каде што имало неколку шатори и маси со компјутери, додека другите учесници на обуката учеле како да управуваат со дронови.

„Тие биле обучувани од лица кои зборуваат руски јазик една или две недели, фокусирајќи се на контрола на дронови, тактики на предизвикување паника и хаос, пробивање на полициски кордони, подготовка на запаливи предмети, како и за елементи на психологија“, се наведува во обвинението.

Лицата биле уапсени по враќањето во Молдавија, а биле спроведени и претреси. Пронајдени се мини-дронови со камери и механизми за исфрлање, како и пиротехника, компоненти за дронови, VR очила за дронови и радиоопрема.

Кај еден од обвинетите се пронајдени речиси 300 летоци со јасна дискриминаторска содржина, кои промовирале идеи за нетолеранција и непријателство меѓу членовите на различни верски заедници, користејќи изрази и слики што поттикнуваат омраза, отфрлање и поделби.

Во моментов, според одлуките на истражниот судија, двајца од коорганизаторите се во домашен притвор, а другите се под судски надзор.

Според молдавскиот Кривичен законик, кривичното дело организирање или водење масовни немири, извршено во околностите што ги опишува Обвинителството во овој случај, се казнува со затвор од четири до осум години.

Информациите за „руските кампови“ во Босна и Херцеговина се појавија во октомври 2024 година. Во тоа време, молдавските безбедносни агенции изјавија дека идентификувале повеќе од сто млади луѓе кои наводно биле обучени во Русија, Босна и Херцеговина и Србија, за да ја дестабилизираат земјата.

Босанските агенции биле информирани, потврдија тогаш повеќе извори за РСЕ.

Едно од лицата кои беа доведувани во врска со овие кампови и обуки е рускиот државјанин Андреј Бекер, кој претходно бил поврзан со руската платеничка група Вагнер.

Покрај камповите и обуките во Босна и Херцеговина, молдавските агенции утврдиле дека камповите работеле и во Србија. Така, на 26 септември, полицијата во Србија уапси две лица обвинети за организирање борбено-тактичка обука за молдавски и романски државјани, чија цел била предизвикување немири во Молдавија.

Апсењата дојдоа откако властите во Кишињев јавно предупредија за постоењето на борбени кампови во Србија, наведувајќи дека тие се организирани од руската тајна служба со цел дестабилизација на Молдавија.

На почетокот на декември, Молдавија изврши околу 50 претреси на неколку локации во земјата и пронајде докази дека организирана група, која претходно се обучувала во камп во Србија, планирала да предизвика немири во Молдавија.

Руски војници осудени за смртта на Американец кој се борел за Кремљ во Украина

Расел Бентли беше поранешен член на сепаратистичка воена единица во Донецк, Украина.
Расел Бентли беше поранешен член на сепаратистичка воена единица во Донецк, Украина.

Суд во Украина, на територија контролирана од Русија, осуди четворица руски војници за смртта на Расел Бентли, американски државјанин кој стана познат како „Донбаскиот каубој“ откако се приклучи на силите поддржани од Русија во источна Украина.

Судот во градот Донецк, окупиран од Русија, осуди двајца војници, мајорот Виталиј Вањатски и поручникот Андреј Јорданов, на по 12 години затвор, додека наредникот Владислав Агалцев доби 11 години.

Четвртиот војник, Владимир Бажин, е осуден на година и пол затвор за помагање во прикривањето на смртта на Бентли. Четворицата беа прогласени за виновни за убиството на Бентли бидејќи верувале дека е американски саботер.

Руските власти соопштија дека истрагата покажала дека Американецот бил мачен пред да биде убиен. Потоа неговите киднапери се обиделе да ја прикријат неговата смрт со детонирање на автомобилот со кој се наоѓало неговото тело.

64-годишниот Бентли бил присутен за време на руската интервенција во Украина што започна во 2014 година. По потекло од Тексас, тој се нарекувал себеси „Донбаски каубој“ и станал популарен на руските пропагандни мрежи поради неговите критики кон американската влада.

Според истражителите, Вањацки и Јорданов го фатиле Бентли „како се подготвува да ги снима последиците од ракетен напад“ на 8 април 2024 година.

Тие барале Бентли да ги покаже своите документи и да ја објасни причината за неговото присуство таму, на што тој се претставил како новинар, бидејќи работел за руската државна новинска агенција Спутник. Потоа Вањацки „ја известил командата на воената единица дека го идентификувал диверзантот“.

Му било наредено да го однесе Бентли до командниот пункт, по што тој му наредил на Јорданов да го притвори Американецот.
Бентли бил ставен во автомобил, претепан и мачен, што резултирало со негова смрт.

Потоа Вањацки и Агалцев го ставиле неговото тело во багажникот на автомобил и го детонирале возилото, соопштија истражителите.

Следниот ден, Бажин и Јорданов отишле на местото на експлозијата на автомобилот и ги запалиле останките од жртвата.

Бентли, чиј воен повикувачки знак бил Тексас, исчезна во Донецк во април 2024 година.

Тој се борел за батаљонот Восток помеѓу 2014 и 2017 година и добил руско државјанство во 2021 година. Претходно, три години служел во американската армија и еднаш се кандидирал за американскиот Сенат додека живеел во Минесота.

Маргарита Симоњан, главната уредничка на руската државна телевизија РТ, позната по својата одбрана на Кремљ, на мрежата Икс тогаш напиша дека Бентли загинал за „нашите луѓе“ во Донецк.

Тајланд започна воздушни напади врз Камбоџа по граничниот судир

Жителите бегаат од Одар Минчи по граничните судири, 8 декември 2025 г.
Жителите бегаат од Одар Минчи по граничните судири, 8 декември 2025 г.

Тајланд започна воздушни напади врз соседна Камбоџа на 8 декември, соопшти тајландската војска. Ова доаѓа додека двете страни разменуваат обвинувања за најновото разгорување на конфликтот во спорната гранична област во кој загина еден тајландски војник.

Откако камбоџанските војници отворија оган врз тајландските сили во понеделник наутро во покраината Убон Рачатани, „војската доби извештаи дека тајландските војници биле нападнати со боева муниција, што резултирало со смрт на еден војник и ранување на четворица други“, наведува во соопштението портпаролот на тајландската војска, Винтаи Суваре.

Винтаи додаде дека Тајланд почнал „да користи авиони за да нападне воени цели во неколку области“ со цел да ги одбие нападите на камбоџанските сили.

Портпаролката на Министерството за одбрана на Камбоџа, Мали Сочеата, изјави дека тајландските сили започнале напад врз камбоџанските трупи во пограничните покраини Преах Вихер и Одар Минчи во понеделникот наутро, обвинувајќи го Тајланд за „пукање со тенкови кон храмот Тамоне Том“ и областите во близина на Преах Вихер.

Таа додаде дека Камбоџа не возвратила на нападите.

Мет Миасфикдеј, портпарол на покраинската администрација Одар Минчи, изјави дека е пријавено пукање во областите на храмовите Тамоне Том и Та Крабеи, додавајќи дека „голем број жители што живеат во близина на границата бегаат од своите домови“.

Тајландската војска соопшти дека околу 35.000 луѓе во Тајланд се евакуирани од областите долж границата со Камбоџа.

Исто така, тајландската војска ги обвини камбоџанските сили дека лансираат ракети врз цивилни области во покраината Бури Рам, додавајќи дека нема пријавени жртви.

Двете страни објавија за судири во неделата, а тајландската војска објави дека двајца војници се ранети.

Петдневните борби меѓу Тајланд и Камбоџа ова лето резултираа со 43 мртви и околу 300.000 раселени пред да стапи во сила прекинот на огнот.

Прекинот на огнот беше делумно посредуван од САД, Кина и Малезија.

Во октомври, американскиот претседател Доналд Трамп потпиша заедничка декларација меѓу Тајланд и Камбоџа, промовирајќи нови трговски договори со двете земји откако тие се согласија да го продолжат прекинот на огнот.

Сепак, Тајланд го суспендираше договорот минатиот месец откако во сомнителен инцидент со нагазна мина беа повредени неколку војници.

Оттогаш, двете страни разменуваат обвинувања за нови судири.

Споровите меѓу двете земји се фокусираа на децениски несогласувања околу границите нацртани за време на колонијалното владеење на Франција во регионот, при што двете земји тврдат дека имаат неколку храмови долж граничната линија.

Грчките земјоделци со нови блокади го засилуваат притисок врз власта

Земјоделци на протест во Грција (фотоархива).
Земјоделци на протест во Грција (фотоархива).

Земјоделците од Грција од денеска, 8 декември, ги засилуваат своите активности со дополнителни блокади откако веќе една седмица со трактори на различни локации низ земјата го стопираат сообраќајот.

Во моментов има над 20 локации со блокади, а меѓу нив се и граничните премини како кон Северна Македонија, така и кон Бугарија и Турција. Со стотици трактори, изминативе денови тие повремено ги затвораат граничните премини, секој ден во различен период.

Блокадата на најфреквентниот граничен премин кон Северна Македонија, „Евзони“ („Богородица од македонска страна, кај Гевгелија) ја спроведуваат земјоделци од областа Пеонија и градот Јаница со повеќе од 300 трактори. Тие се наоѓаат таму од минатиот понеделник, а граничниот премин периодично се затвора на неколку часа еднаш во попладневните часови по 12 часот, и потоа уште еднаш во вечерните часови по 18 часот по локално време.

Како што јави дописничката на МИА од Грција, се очекува оваа пракса да продолжи и денеска, иако одлуките, земјоделците ги носат на дневна база, по состаноци на надлежните комисии.

Протестите на земјоделците започнаа на 30 ноември поради зголемените трошоци за производство и ниските цени за продажба на нивните производи. Едно од нивните барања е исплата и на заостанатите субвенции со кои се им се помага да ги покријат производствените трошоци.

На повеќе локации каде што се одвиваат блокадите, земјоделците поставија и новогодишни елки, што во Грција се толкува како порака дека нема да отстапат и ако треба на улица ќе останат и за време на празниците.

Премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, на 7 декември го повтори повикот за дијалог кон земјоделците порачувајќи дека вратата на Министерството за земјоделство е и секогаш ќе биде отворена за дискусија. Тој посочи дека „радикалните форми на протест, како што се блокадите, може да изразуваат притисок, но на крајот од денот го отежнуваат секојдневието на сите“.

Главната блокада што ја спроведуваат земјоделците е во централна Грција, кај Никеа односно во близина на Лариза на автопатот Солун – Атина. Таму сообраќајот досега се одвиваше по споредни патишта, но за 8 декември земјоделците најавија дека ќе ги блокираат и споредните премини од 17 до 19 часот со цел да извршат дополнителен притисок врз власта.

Во Солун, исто така, активни се уште неколку блокади – на патот кон аеродромот и кон Халкидики, но и на патарините на излез од градот.

Во обид да ги зголемат блокадите, за среда е најавено дека земјоделци од областа Тесалија, ќе се упатат кон градот Волос и ќе го блокираат тамошното пристаниште.

Блокади има и на автопатот Е65 што ги поврзува градовите Ламиа, Кардица и Трикала со автопатот „Егнатија“. Протестите се проширија и на Пелопонез и островот Крит.

По критиките од Трамп, Зеленски на разговор со европските сојузници во Лондон

Украинскиот претседател Володимир Зеленски со британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон, 2 март, Лондон.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски со британскиот премиер Кир Стармер и францускиот претседател Емануел Макрон, 2 март, Лондон.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе се сретне со своите клучни европски сојузници во Лондон на 8 декември, откако американскиот претседател Доналд Трамп го обвини дека не го прочитал најновиот мировен предлог.

„Во моментов започнуваме нова дипломатска недела – ќе има консултации со европските лидери. Прво и основно, безбедносни прашања, поддршка за нашата отпорност и пакети за поддршка за нашата одбрана“, рече Зеленски во своето вечерно обраќање, снимено во воз на 7 декември.

Во Лондон, Зеленски треба да се сретне со британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, најголемите поддржувачи на Киев во Европа.

Во меѓувреме, разговарајќи со новинарите, американскиот претседател Доналд Трамп го критикуваше својот украински колега, велејќи дека е „малку разочаран“.

„Разговаравме со [рускиот] претседател [Владимир] Путин и разговаравме со украинските лидери, вклучувајќи го и Зеленски, претседателот Зеленски, и морам да кажам дека сум малку разочаран што претседателот Зеленски сè уште не го прочитал предлогот, тоа беше пред неколку часа“, изјави Трамп пред новинарите на 7 декември.

Разговорите во Лондон следат по тридневните преговори меѓу украинските и американските претставници во близина на Мајами. Овие разговори завршија со позитивен тон, но не донесоа јасен напредок.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп врши притисок врз Киев да го прифати мировниот предлог за кој многу критичари велат дека во голема мерка е во корист на Русија.

По преговорите во Мајами, Зеленски рече дека разговарал со американските преговарачи, Стив Виткоф и Џаред Кушнер.

„Американските претставници се свесни за основните позиции на Украина, а разговорот беше конструктивен, иако не беше лесен“, рече Зеленски.

„Очекувам детални информации за сè што беше кажано на американските претставници во Москва и за нијансите што Американците се подготвени да ги изменат во преговорите со нас и со Русите“, рече Зеленски, алудирајќи на украинските главни преговарачи Рустем Умеров и Андриј Хнатов, кои ја претставуваа Украина на преговорите во Мајами.

Во меѓувреме, Русија ги продолжи своите воздушни напади врз клучната украинска инфраструктура додека зимските температури продолжуваат да паѓаат.

Според регионалните власти, руските сили ја нападнале Ахтирка во Сумиската област ноќта на 8 декември.

Гувернерот Олег Григоров изјави дека седум лица се повредени во напад врз деветкатна станбена зграда и сите се префрлени во болница.

Според соопштението на Службата за итни случаи на Украина, пожарникарите изгаснале пожар кој бил од вториот до петтиот кат и евакуирале 35 жители, спасувајќи седум лица, меѓу кои и едно дете, од погодените станови.

Во Чернигов, пак, е оштетена станбена зграда како резултат на пад на руски дрон. Три лица се повредени, од кои едно е хоспитализирано, објави Службата за итни случаи на мрежата Телеграм на 8 декември.

Пред планираните посети на Зеленски на Лондон, Брисел и Рим, на кои тој ќе разговара за мировниот процес, италијанската премиерка Џорџија Мелони разговараше телефонски со него.

Според соопштението од нејзиниот кабинет, таа ја потврди солидарноста на Рим со Киев и вети дека ќе обезбеди итна помош за поддршка на енергетската инфраструктура на Украина и нејзиното население.

Од нејзиниот кабинетот додадоа дека Италија ќе достави дополнителни резерви, вклучително и генератори, за поддршка на енергетската инфраструктура и на украинското население, и оти целта останува траен и праведен мир.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG