За на лекар не треба дозвола во полициски час, организиран превоз за тие што одат на работа, во автомобил максимум тројца

Центарот на Скопје за време на полицискиот час кој сега започнува во 16 часот во обид да се запре ширењето на коронавирусот

Ако граѓаните имаат потреба од итна медицинска помош за време на полициски час, можат без никаква дозвола да појдат до здравствена установа. Доколку бидат запрени од полиција потребно е да кажат каде одат, а доколку тоа го злоупотребат ќе следат санкции.

Ова денеска го соопшти дополнителната заменичка на министерот за внатрешни работи Славјанка Петровска, одговарајќи на прашање на информативната видеосесија на Владата. Таа рече дека во таков случај граѓаните не треба да се јавуваат на 192 ниту да бараат дополнителна дозвола за движење.

Земјоделците кои извршуваат работи на нива во атарот на нивните села, нема да имаат потреба од дозвола за движење, но ако нивите им се надвор од селото, треба да побараат дозвола за движење во полициски час преку Министерството за земјоделство.

За луѓето што имаат дозволи да одат на работа, пред сè за вработените во здравствени установи, а кои не можат сами да се организираат за превоз за време на полицискиот час, во соработка со Град Скопје ќе се организира превоз со возила на ЈСП и со други возила, соопшти министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски.

Такви тури ќе бидат организирани и во други градови и притоа ќе покриваат што поголема територија.

Манчевски рече дека во Скопје се организирани дежурни такси-возила кои може да превезуваат граѓани од нивниот дом до некоја здравствена установа во време на полициски час ако имаат потреба, и оние граѓани кои имаат дозвола за движење.

Министерот за економија Крешник Бектеши, пак, рече дека фирмите кои работат во смени може да издаваат дозволи за своите вработените кои ќе важат само за одење и доаѓање од работа. МВР ќе има право да ги контролира вработените и ќе може да ги санкционира доколку ги злоупотребуваат.

Тој рече дека во време на полицискиот час ќе можат да работат и сите ресторани и маркети што вршат он-лајн продажба и испорачуваат храна.

Во врска со извршувањето на работни задачи на терен, заменичката-министерка Петровска рече дека постои ограничување и во еден автомобил не смеат да се возат повеќе од тројца и во оваа бројка се смета и возачот, и дека освен заштитната опрема, потребна и соодветна дозвола кои ги издаваат работодавачите за движење на работниците во време на полициски час исклучиво до и од работното место.

Досега во земјава се регистрирани 617 заболени од новиот коронавирус. Од нив, 29 луѓе починале, а 35 досега се излекувани.