Муса Џафери сведочеше во „Монструм“: Имаше многу нејаснотии

Муса Џафери

Поранешниот вицепремиер задолжен за спроведување на Рамковниот договор Муса Џафери на денешното судско рочиште во врска со петкратното убиство кај Смилковското Езеро, рече дека во тој период имало многу нејаснотии за тоа како се третираат и како се водат постапките.

„Ние како политичка партија и јас како функционер бевме загрижени за да не дојде до меѓуенички и меѓурелигиски тензии во Скопје“, рече сведокот Џафери.

Претходно, сведочеше и поранешниот министер за правда Блерим Беџети. Тој рече дека со поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска имале различни убедувања за случајот „Монструм“ и дека како политички субјект барале да се повтори судењето за овој предмет.

Судењето за „Монструм“ го води судијата Огнен Ставрев, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири,
Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот
беше вратен на повторно судење.