Достапни линкови

Екс-министрите Беџети и Јанкулоска со различни убедувања за „Монструм“


Архивска фотографија - Обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски на едно од рочиштата за „Монструм“

Поранешниот министер за правда Блерим Беџети и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска имале различни убедувања за случајот „Монструм”, рече на денешното судско рочиште Беџети, кој во својство на сведок даваше исказ за петкратното убиство кај Смилковско Езеро. Додаде дека тие како политички субјект барале да се повтори судењето за овој предмет.

Беџети рече дека имал една средба со семејствата на обвинети, на која од него, бидејќи во тоа време бил министер за правда е барано да се води фер, праведна и транспарентна постапка. Во однос на процедурата за екстрадиција на осомничените Алил Демири и Африм Исмаиловиќ од Косово, сведокот Беџети, појасни дека како министер за правда, сите дејствија ги преземал според закон.

Како сведок на денешното судење за „Монструм“ треба да се појави и Муса Џафери, поранешен вицепремиер задолжен за спроведување на Рамковниот договор. При презентација на „бомбите” од страна на обвинителката Фатиме Фетаи, јавноста имаше можност да слушне како Беџети и Џафери, комуницирале со други лица во однос на овој предмет. На претходните рочиште за петкратното убиство на Смилковско Езеро, сведочеше речиси целиот врв на МВР од 2012 година.

Судењето за „Монструм“ го води судијата Огнен Ставрев, а застапници на обвинението се Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски. За петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот
беше вратен на повторно судење.

XS
SM
MD
LG