Конзервативци го каменуваа Женскиот марш за 8 Март во Исламабад

Учеснички на Женскиот марш во Исламабад.

Неколку лица се повредени кога социјалните и верски конзервативци ги нападнаа демонстрантите кои маршираа по повод Денот на жената – 8 Март во Исламабад во Пакистан.

Дописниците на Радио Слободна Европа јавуваат дека учесниците во конзервативните демонстрации, наречени „Прошетка на скромноста“ фрлале камења кон демонстрантите кои марширале по повод 8 Март. Претседателката на Женскиот демократски фронт, Исмат Шахџахан, кои се организатори на женскиот марш, на кој имаше околу 1000 учесници, изјави дека четворица учесници имаат повреди на главата, додека тројца други се полесно повредени. Полицијата интервенираше да ги спречи насилствата. Женскиот марш се одржа под слоганот „Мое тело, мој избор“.

Конзервативните организации, меѓу кои и партијата Џамаат-е-Ислами, ја критикуваат иницијатива за која сметаат дека ги загрозува традиционалните муслимански вредности.

Многу жени, кои учествуваа на контра-протестот на „скромноста“, носеа бурки и извикуваа „Наши тела, алахов избор“. Маршови по повод Денот на жената се одржаа и во Куета, Лахоре, Карачи и во други градови. Голем дел од пакистанското општество е строго патријархално. Околу 1000 Пакистанки годишно се жртви на таканаречените убиства од чест, често пати од нивни блиски роднини.