Економскиот раст минатата година поголем од планираниот

Министерот за економија Крешник Бектеши, министерката за финансии Нина Ангеловска, премиерот Оливер Спасовски и министерот за земјоделство Трајан Димковски

Растот на економијата во 2019 година бил 3,6 проценти, што е повисоко од владините проекции, но и од очекувањата на меѓународните финансиски институции, соопшти денеска премиерот Оливер Спасовски.

На заедничката прес-конференција со министерката за финансии Нина Ангеловска, министерот за економија Крешник Бектеши и со министерот за земјоделство Трајан Димковски во владата, Спасовски рече дека растот на економијата придонел до отворање на нови работни места и пад на невработеноста на 16,6 проценти. Тој рече дека од крајот на 2016 до крајот на 2019 година има над 76 илјади нововработени.

На почетокот на минатата година владата очекуваше економски раст од 3,2 проценти, но потоа ги коригираше очекувањата на 3,5 отсто. Исти очекувања имаше и Народната банка. Светската банка очекуваше раст од 3,1 отсто, а ММФ 3,2 отсто.