Сопругот на Туцаковиќ му давал пари на Боки 13

Архивска фотографија- Бојан Јовановски - Боки 13 на судење за „Рекет“

Судењето за случајот „Рекет“ во кој се обвинети поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски- Боки 13 денеска продолжи во Кривичниот суд со сведочење на Александар Радуловиќ од Белград, музичар, композитор и сопруг на познатата српска авторка на песни Марина Туцаковиќ.

Радуловиќ, кој сведочи на предлог на одбрана на Јовановски, рече дека го познава обвинетиот и неговото семејство повеќе од 12 години. Тој потврди дека му давал пари на Јовановски за професионални работи и приватно секогаш кога му било потребно. Радуловиќ во сведочењето спомена и дека телевизијата на Боки 13 им се видела интересна како можност да го прошират бизнисот и во регионот и дека му давале пари и за тој проект. На прашање на обвинителката Вилма Русковска, која побара објаснување дали имаат некој материјален доказ дека се дадени пари за отварање на ТВ рече дека немале договор дека дале пари.

„Материјален доказ се дадените пари. Има и наша изјава. Но, договор дека сме дали пари немаме. Тоа беше во пријателска основа“, рече Радуловиќ.

За парите кои му ги дале на Боки 13 во Белград, пред да отиде во Милано, Радуловиќ, рече дека биле за да купи скапи лекови за неговата сопруга кои чинеле 12 000 евра месечно, а тие му дале да набави за шест месеци.

Парите дадени во Белград на минатото рочиште ги спомена и личниот возач на Јовановски, Стојан Арсовски кој рече дека сопругот на Туцаковиќ на Боки 13 му дал плико со, како што рече, поголема сума пари.

На едно од рочиштата минатиот месец обвинителството како доказ, пак, презентираше фискални сметки во износ од 148 000 евра од обвинетиот Јовановски за облека што ја купувал од брендирани бутици во Милано.

Боки 13 и Јанева се обвинети дека изнудувале пари од бизнисменот Јордан Камчев во замена за олеснителни околности во случајот „Империја“ кој тогашното СЈО го водеше за него. Камчев е сведок во случајот „Рекет“ а обвинителството ги товари Јовановски и Зоран Милевски дека примиле еден и пол милион евра од бизнисменот. Милевски на првото рочиште призна вина и доби три години затворска казна.