Достапни линкови

„Рекет“- сведочеа возачот на Јовановски и хирург


Архивска фотографија- Oбвинитиот Бојан Јовановски и адвокатот Сашко Дукоски на судењето за случајот Рекет

На денешното рочиште за случајот „Рекет“ во кој обвинети се Бојан Јовановски-Боки 13 и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева сведочеа хирург од приватната болница „Систина“, што е во сопственост на бизнисменот Јордан Камчев и личниот возач на Јовановски.

Хирургот Тони Јосифовски рече дека извршил две операции врз Јовановски, првата била за намалување на телесната тежина, а вториот пат било од естетски причини. Со пациентот Боки 13, Јосифовски се сретнувал во болницата, во кафуле, но подоцна и кај Јовановски во домот каде му вршел преврски. Сведокот, одговарајќи на прашање рече дека Боки-13 со него разговарал и за операција на Јанева и дека барале начин како да се проведе преку посебни влезови во „Систина“.

Личниот возач на Јовановски, Стојан Арсовски пред Судот рече дека со него во два наврати патувале во Италија на модни ревии и дека на тие патувања од неговиот претпоставен добивал подароци. Според сведокот, на второто патување правеле пауза во Белград на која Јовановски вечерал со познатиот српски текстописец Марина Туцаковиќ и нејзиниот сопруг и дека таа вечер сопругот на Туцаковиќ на Боки 13 му дал плико со, како што рече, поголема сума пари, кои пак му ги дал на возачот да ги стави во чантата. Двајцата беа сведоци на одбраната, а судењето продолжува во петок.

Во случајот „Рекет“ обвинети се Јовановски и поранешната специјална јавна обвинителка Јанева. На првото рочиште, третообвинетиот Зоран Милевски призна вина и доби три години затвор. Според обвинението, тие се здружиле за да му земаат пари на бизнисменот Камчев, сведок во „Рекет“ во замена за олеснителни околности во предметот „Империја“ кој тогашното СЈО го водеше за него.

XS
SM
MD
LG