Влада: сите кои доаѓаат од региони со коронавирус задолжително да се јават на дежурните телефони

Илустрација - Архивска фотографија - Патници со маски на скопскиот аеродром, 30.01.2020

Владата апелира сите граѓани што допатувале од регионите со официјална епидемија со корона вирусот задолжително да се јават на контакт телефоните на центрите за јавно здравје.

Како што соопшти владината прес-служба, сите вработени во државните и локалните институции и претпријатија, вработените во основно, средно и високо образование, како и сите ученици и студенти доколку во последните две недели патувале или живеат со некој кој патувал во следниве земји/региони: регионите Ломбардија, Венето, Емилија Ромања, Пиемонт во Италија, како и Народна Република Кина, Хонг Конг, Иран, Јапонија, Маку, Филипини, Република Кореа, Сингапур, Тајван, потребно е да не доаѓаат на работа, на училиште или на факултет и да ја информираат институцијата, претпријатието и образовната институција.

Се апелира лицата веднаш да се јават на телефоните за контакт во центрите за јавно здравје. Владата повикува на максимална лична одговорност на секој вработен во институциите, родителите на децата во образовниот процес и на сите граѓани за да се оствари максималната заштита на секој поединец и на јавното здравје, како и да се следат и практикуваат препораките на Министерството за здравство и на Светската здравствена организација.