Спасовски: имаме коректни односи со ДУИ

Архивска фототографија- премиерот Оливер Спасовски

Премиерот Оливер Спасовски вели дека прво треба да се донесат во Собранието сите закони, коишто, како што изјави денеска, се многу битни за граѓаните, па дури потоа да се распушти Собранието и да се оди на избори. Не сакаше да зборува за формирање евентуално ново парламентарно мнозиство, бидејќи, како што рече, ќе се испочитува договореното, ќе бидат усвоени законските решенија по што ќе се оди на избори. Тој се уште верува дека тоа и ќе се случи и оти нема да има повеќе „неразбирливи“ одложувања на седниците на кои тоа треба да биде направено.

„Ние имаме коректни односи со ДУИ и очекувам дека така како што ја започнавме коалицијата така и ќе ја завршиме во однос на овие законски решенија“, рече Спасовски.

Ако дојде до тоа да бидат опстуирани решенијата, додаде тој, дури тогаш може да се зборува за евентуално формирање ново парламентарно мнозинство, можност која вчера ја навести генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски во Фејсбук статус на својот профил. Николовски се закани дека ако се оневозможи гласање на важните закони, можно е да се формира ново парламентарно мнозинство.

Вчера доцна вечерта по целодневна неизвесност почна 135-тата собраниска седница на која пратениците требаа да расправаат за предлог-законот за Јавно обвинителство и Предлог-законот за Советот на јавни обвинители, но претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина и ја презакажа за денеска во 11 часот. Џафери рече дека секогаш постапувал коректно и ги запазувал процедурите, но оти не прифаќа пораки преку Фејсбук што беше протолкувано во дел од јавноста како одговор на пишувањата на Николовски.