Вархеји побара од црногорските власти да ги забрзаат реформите

Подгорица-Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и премиерот Душко Марковиќ, 07.02.2020

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на црногорскиот државен врв му порача дека државата треба да ги забрза реформите, особено во областите владеење на правото и слобода на медиумите. Тој денеска во Подгорица се сретна со претседателот Мило Ѓукановиќ и премиерот Душко Марковиќ за да разговара и за новата предложена методологија на Европската комисија.

Посетата на Вархеји доаѓа и во време на политичка криза во Црна Гора до која дојде по усвојувањето на Законот за верски слободи. Законот предизвика протести низ земјата организирани од Српската православна црква и донесе до откажување на планираната посета на српскиот претседател Александар Вучиќ.

Српската црква во Црна Гора, нејзините поддржувачи и просрпските партии сметаат дека со законот и се овозможува на владата да го преземе црковниот имот, нешто што официјална Подгорица го негира. Вархеји побара од сите страни да се вратат на дијалогот преку кој ќе овозможат да се дојде до решение прифатливо за сите.