Русија најави можна депортација на странците заболени од коронавирусот

Архивска фотографија- рускиот премиер Михаил Мишустин

Русија соопшти дека планира да ги депортира странците кои имаат коронавирус, додека се повеќе изолираната Кина ги обвини Соединетите Американски Држави дека поттикнуваат страв за вирусот наместо да понудат конкретна помош.

Рускиот премиер Михаил Мишустин во телевизиското обраќање од владиниот состанок денеска рече дека годишниот инвестициски форум кој требаше да се одржи месецов во Сочи е одложен поради коронавирусот. Во таа земја има потврдено два случаи заболени од овој вирус, а и двете лица се кинески државјани. Бројот на починати во Кина, пак, од новиот вирус е 361.

„Сега новиот вирус е ставен на листата посебно опасни заболувања. Тоа ќе ни овозможи да ги депортираме странските државјани на кои ќе им биде потврдена таа болест“, рече Мушустин.

Тој додаде дека прво и најважно им е да мислат на здравјето и безбедноста на своите граѓани, нагласувајќи дека ситуацијата е под контрола.