Црна Гора: Уапсени 16 лица, одземено нелегално оружје

Илустрација

Црногорската полиција потврди дека денеска се уапсени 16 лица на 17 локации, меѓу кои се и мајката и братучедот на пратеникот од Демократски фронт во црногорскиот Парламент, Милан Кнежевиќ.

Во полициското соопштение се наведува дека мајката на Кнежевиќ е приведена бидејќи ги омаловажувала полицајците при претресот. Акцијата за апсење е извршена утрово врз основа на судска наредба и притоа биле претресени 17 локации, соопшти Управата на полицијата. Се наведува дека при претресот било пронајдено и времено одземено нелегално оружје – пушка и два пиштола, одредено количество муниција, средства за комуникација и други предмети. Одземените работи ќе бидат предмет на форензички вештачења.

Во Црна Гора со недели траат протестите поради усвојувањето на Законот за слобода на вероисповедта кој предизвика негодување кај Српската православна црква во таа земја во однос на нејзиниот имот. Просрпската партија Демократски фронт секојдневно протестира против законот.